Доколку Грција не успее да ги спроведе мерките, за кои постигна спогодба со Европската унија во замена за третата финансиска програма за спас, помошта брзо ќе биде стопирана, изјави денеска лидерот на Еврогрупата, Јерун Дејселблум, пред денешниот состанок во Брисел.
Еврогрупата ќе направи оценка на извршените реформи во Грција во септември или октомври. Доколку не бидат исполнети ветувањата, програмата за помош може брзо да биде прекината, истакна тој.
Дејселблум повторно изрази увереност дека Грција ќе ги исполни своите обврски.
Со 222 гласа „за“, 64 „против“ и 11 „воздржани“, грчкиот парламент го одобри новиот договор постигнат меѓу Владата и кредиторите за третиот пакет финансиска помош за државата. Гласањето се одржа по седумчасовни дебати.
Премиерот на Грција, Алексис Ципрас го оквалификува договорот како „принуден избор“. Истакна дека до тој избор се стигнало откако државата била соочена со дилемата – Или меморандум со еврото или меморандум со драхмата.
Ципрас ќе побара гласање за доверба на Владата на Грција од парламентот по 20 август кога стигнува плаќањето на оврски кон ЕЦБ, јави локалната Скај.
Денеска пред грчките пратеници се најде економскиот пакет за помош од 85 милијарди евра. Грчкиот премиер Алексис Ципрас ги повика пратениците да одобрат пакетот кој тој го оквалификува како „неопходен избор“ за државата.
Обраќајќи се во парламентот пред пратениците да гласаат за договорот со кредиторите, Ципрас наведе дека министерот за финансии Евклидис Цакалотос ќе води битка на средбата на Еврогрупата денеска за да избегне закана од преоден заем.
Преодниот заем кој и се предлага на Грција како замена, би значел враќање кон „бескрајна криза“, смета Ципрас.
Грција може да добие 6,04 милијарди евра преоден кредит, доколку министрите за финансии од еврозоната не одобрат нова спасувачка програма за Атина на вонредната седница, планирана за денеска, пишува германскиот весник „Билд“, повикувајќи се на предлозите на Европската комисија подготвени за средбата.
Според предлогот преодното финансирање треба да биде за период од максимум три месеци.
Преодниот кредит ќе значи „враќање на кризата до бескрај, смета грчкиот премиер Алексис Ципрас.
Се очекува министрите за финансии на земјите од еврозоната, обединети во Еврогрупата да се сретнат денеска во Брисел, за да ја разгледаат спогодбата, договорена меѓу Атина и кредиторите.
Во грчкиот Парламент сеуште продолжуваат дебатите за спогодбата, кои почнаа доцна синоќа.
Грција на 20 август треба да и исплати 3,2 милијарди евра на Европската централна банка.
Германски медиуми: Ципрас размислува за избори во септември
Грчкиот премиер Алексис Ципрас интензивно размислува за предвремени избори кои би се одржале на 13 или 20 септември, пренесува МИА, повикувајќи се на пишувањата на германската агенција МНИ пренесени од страна на грчките медиуми.
Според германскиот медиум, Ципрас сака да има избори веднаш по одобрувањето на третата програма за помош, со оглед на тоа што сака да ја реконструира Сириза и да си обезбеди нов чист почеток.