-Кога зборуваме за железницата, треба да се направи разлика помеѓу инфраструктура и железничко средство, вагони, локомотиви итн. Ако нема добра инфраструктура, тогаш џабе ви е да имате и формула 1, ама џабе ви е да имате и висока брзина на возот, значи тој нема да има сигурност. Од тој аспект треба прво да се работи на инфраструктурата во Македонија, изјави универзитетскиот професор Глигорче Вртаноски на денешната трибина насловена „150 години железници во Македонија 1873-2023″ во организација на Републичката комисија за инфраструктура, урбанизам и транспорт на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него инфраструктурата е застаната и нема шанса да се промени нешто доколку не се промени начинот на размислување на естаблишментот на Владата.
Вртаноски вели дека во Македонија има само желба за нешто да направи, за разлика од Гана, на која и била потребна само година ипол да направи иста делница како што во Македонија 30 години не може да се изгради.
„Кај нас не можеме 30 години една пруга да изградиме од Куманово до Крива Паланка која што е околу 50-на километри. Стратегијата што ја прават, сакаат да ја направат. Кај нас имаме стратегија, сакаме, ама нема да го направиме. Сакаме да имаме воз или гарнитура, но немаме одржување. Вториот дел што можеби за мене е побитен, тоа се човечките ресурси. „Македонска железница“ е со старосна група од над 53 години и во тој момент, што да очекуваме од луѓе кои се повозрасни. Треба млади луѓе кои треба да се соодветно обучени, а понатаму нивниот тренинг да се обавува во самата организација. И во тој момент ќе имате прогрес, истакна Вртаноски.