Поради повреди, Дејан Манасков ги пропушти последните две големи репрезентативни натпреварувања, но сега искусното крило вели дека е подготвен повторно да ја радува македонската јавност на Светското првенство кое започнува за помалку од еден месец.
„Мило ми е што повторно сум тука, помеѓу овие момци. Со нетрпение го чекам ова првенство. Ова е нова генерација, нов спој на ракометари, искуство и младост. Тука сме да им помогнеме на помладите, ние поискусните ја прифаќаме улогата на лидери во селекцијата. Треба добро да се подготвиме и сите да го дадеме максимумот“, вели Манасков.
Ракометарот кој зад себе има многу одиграни важни мечеви на Светски и европски првенства вели дека има респект кон секој противник, но и дека мора да се верува во сопствените сили, па затоа нашата цел е да се помине групата.
„Во спортот секогаш постојат изненадувања, така што ако не веруваме, не треба да патуваме таму. Силно веруваме и сме убедени дека ќе ја поминеме групата. Противниците се тешки, силни, сериозни. Се собираме рано, имаме доволно време да се подготвиме, да ги анализираме сите противници и да направиме тактика за секој од нив. Најважно е да бидеме здрави, комплетни и сплотени како репрезентација за да стигнеме до посакуваното. За Норвешка не треба да се трошат зборови, Холандија изгледа многу моќно на физички план, а тука е и Аргентина. Стручниот штаб ќе реши што е најдобро како тактика за секој од ривалите“, вели Манасков.