Ако се суспендира ДУП-от, жителите на Ново маало ќе го блокираат Скопје

Нема да дозволиме да ја испуштиме и оваа шанса за да добиеме нормален дом, порачуваат жителите на Ново маало, во врска со евентуалната суспензија на ДУП-от кај хотелот „Холидеј Ин“, за која деновиве ќе одлучува Општина Центар. Ако се случи планот да биде суспендиран, ние сме спремни да тужиме и да ги блокираме сите улици, најавуваат жителите на Ново Маало.

– Повеќе од 50-60 години се жртва на институциите кои не најдоа решение за нивниот проблем. Со децении не сме во можност една шајка да заковаме, а да не зборуваме за доградби, фасади, реновирање. Живееме во 19 век. Овде одамна веќе нема нормални услови за живот, кал до колена, калдрма од турско време, нерешено греење, прокиснати кровови, депонија на ГТЦ. Сега кога конечно имаме инвеститор кој преку фер обештетување ни го решава нашиот проблем и ни дава можност да живееме како цел нормален свет, извесни граѓански организации, таканаречени активисти, ни го попречуваат тоа право – велат револтирно овие скопјани.

Тие потсетуваат дека правото на сопственост е уставно загарантирано право.

– Никој, апсолутно никој, освен нас не може да одлучува за тоа што ние ќе правиме со нашиот имот. Ние ги почитуваме институциите, сите овие години. Молчевме и чекавме институциите да сфатат дека во срцето на Центар живеат луѓе во супстандардни услови, а кои како и сите други, имаат право на хумано домување. За жал, од нашето почитување кон институциите до сега не видовме ништо. Сега сме спремни да ги земеме работите во свои раце – велат граѓаните.

Тие минатата недела поднесоа петиција до Опшина Центар и до Владата на РСМ во која категорично наведоа дека нема веќе да молчат и да го трпат тоа што некој од удобноста на своите комфорни станови им го прави. Се консултираат со правници, експерти и подготвени се да тужат доколку се случи суспензија на планот.

– Повеќе од 60 години сме жртва на мерки, акти и политики. Пред 3 години кога мислевме дека сме пред решавање на нашиот проблем се донесе мораториум, неуставна и незаконска мерка која Уставен суд ја укина. Ама ние изгубивме цели 3 години. Кој на нас ќе ни ја надомести таа штета? ДКСК може да се занимава со институциите, дали нешто било направено како што треба или не, ама со нас не. Ако се случи планот да биде суспендиран, ние сме спремни да тужиме и да ги блокираме сите улици – најавуваат жителите на Ново маало.

На нивната петиција има повеќе од 350 потписи, и тоа не се само луѓе од Ново Маало. Поддршка дадоа и нивни соседи од Градски ѕид и граѓани кои сочувствуваат со нивниот проблем.

– За оние од Градски ѕид кои потпишаа против нас, нека им служи на чест. Кога се правеа нивните згради, ние новомаалци дадовме и поддршка и помош – потсетуваат тие.

Жителите на Ново маало појаснуваат дека и тие сакаат зеленило, а инвеститорот на парцелата 1.1 планира многу повеќе зеленило од она што го бара Законот за урбано зеленило (20%). Повеќе од 6.000 м2 зеленило е предвидено на парцелата на која сега воопшто нема зеленило, само паркинг со распукан бетон и трошни куќи.

– И многу важно за сите активисти, ова овде не е јавен простор. Ова се приватни парцели, приватен имот. И нема да прифатиме никаков јавен конкурс за нашите имоти. ДУП и ГУП се усогласени, на оваа локација се предвидени станбени згради и деловен простор, тоа и ќе се гради – порачаа денеска жителите на Ново маало.