Ако се зголемат цените, веднаш ќе се донесе одлуката за нивно замрзнување

Поради намалените цени на производите во маркетите, Владата засега нема да донесе одлука за нивно замрзнување, вели министерот за економија и труд Бесар Дурмиши.

Тој им порача на трговците дека одлуката за замрзнување на цените е подготвена и доколку продолжат со нивно зголемување веднаш ќе биде свикана седница на Владата за таа да биде донесена.

Дурмиши вели дека трговците се вразумиле и ги намалиле цените откако претходно неколку пати биле опоменувани.

„Денеска имавме веќе подготвена одлука за замрзнување на цените, но засега нема да ја предложиме до Владата, ќе ја следиме ситуацијата со цените. Доколку се случи нагло зголемување на цените веднаш ќе побарам да се свика вонредна седница на Владата и да предложам одлука за замрзување на цените. После нашата опомена трговците се вразумија и ги намалија цените, бидејќи како што кажав и ќе повторам сега нема да дозволиме алчно зголемување на основните прехранбени производи за време на празниците“, вели Дурмиши.

Дурмиши ги пренесе информациите од Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) оти цените на основните прехранбени производи во некои маркети се намалени и за 20 до 25 отсто.

„Дел од маркетите кои објавија нови флаери се со намалени цени на производи, коишто беа зголемени изминатите денови, како што се јајца, масло за јадење, дел од сувомеснатите производи, месо, млеко, путер, грав и дополнителни производи. Во исто време, за само еден ден над 50 нови производи се додадени на новогодишната кошничка и таа достигна бројка од речиси 1 180 производи“, вели Дурмиши.

Тој најави дека контролите ќе продолжат и во наредните денови и ги предупреди трговците доколку повторно се обидат да ги зголемат цените како Влада ќе донесат одлука по што ќе следат казни, а можно е да има и затворање на маркетите.

Во однос на цената на маслото за јадење, Дурмиши вели дека станува збор за берзански производ и известувањата се дека се продава без профит. Тој не ја исклучува можноста доколку на терен трговците ја зголемуваат и имаат изигрување на цената, тогаш Владата да донесе одлука за замрзнување на цената.

„Нема да толерираме вакво изигрување на цените, веднаш ќе свикаме вонредна седница за замрзнување на цените“, рече Дурмиши.

Министерот за економија и труд изјави дека во моментов трговците не можат да заработат казна, бидејќи оваа мерка „новогодишна потрошувачка кошничка“ произлегува од нив, но очекува да бидат општествено- одговорни, какошто ветиле во текот на разговорите.

Мерката трае уште 20 дена, а прашан за новата кошничка за претстојните празници Рамазан и Велигден, Дурмиши рече дека ќе размислат како ќе ја реализираат.

Денеска и заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески им порача на трговците што се пријавени за новогодишната кошница до крајот на денот да ги додадат и основните прехранбени производи, кои ги има околу 700 во синџирот, а доколку тоа не се случи Владата ќе биде принудена да донесе непопуларни мерки и одлуки.

Заменик-министерот рече дека пазарната инспекција ќе биде нонстоп на терен и доколку до крајот на денот сите маркети не ги додадат овие и други производи во новогодишната кошничка, ќе има непопуларни владини мерки и одлуки.

Од Државниот пазарен инспекторат вчера соопштија дека нивниот мониторинг врз маркетите покажал дека цените на производите од новогодишната кошничка се намалени за 10 отсто и дека во неа се додадени и околу 30 нови производи, како млеко и млечни производи, месо и месни производи, масло и јајца. Цените и на овие нови производи, според ДПИ бележеле намалување од 10 до 20 отсто.