Актерот Гоце Тодоровски добитник на наградата „Свети Јоаким Осоговски“

Актерот Гоце Тодоровски е добитник на наградата „Свети Јоаким Осоговски“ за значаен придонес во областа на театарот и културата што ја доделува истоимениот меѓународен театарски фестивал што се одржува во Крива Паланка. Наградата ќе му биде врачена на лауреатот Тодоровски на 18. декември, со пригодна свеченост во салата на Собранието на општина Крива Паланка, со почеток во 12 часот и со почитување на пропишаните здравствени протоколи.

Наградата ќе му ја врачи градоаначалникот на Општина Крива Паланка Борјанчо Мицевски, а за уметничките креации на Гоце Тодоровски ќе говорат Благоја Чоревски и Гоце Ристовски. Пред присутните ќе се обрати и наградениот актер Гоце Тодоровски, потсетувајќи на најпопуларните негови актерски улоги во тетарот и на филмот.

Гоце Тодоровски завршил Факултет за драмски уметности на универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје и набргу по дипломирањето се вработил во Драмскиот театар истакнувајќи се како суптилен комичар. На сцената на матичниот театар но и како гостин на професионалните театарски сцени во нашата земја остварил голем број улоги, а останува запаметен по улогите Лука Лукиќ во „Ревозор“ од Гогољ, Докторот во „Веселата смрт“ од Евреинов, Цанде во „Солунски патрдии“ од М. Попоски, Пантагруел во „Пангуриј“ од Р. Богдановски, Царчето во „Чудото на Свети Ѓорѓија“ од Р. Богдановски, Леле мале во „Јадигар“ од В. Манчев, Питу во „Сара Бернар“ од Џ. Марел, Генералот во „Балконот“ од Ж. Жене, Ринго во „Чија си“ од С. Насев, Ќорле во „Кумови“ од К. Ангеловски, Кирца во „Викенд на мртовци“,Ангеле во „Лет во место“ од Г. Стефановски, Докторот во „Болва во уво“ и други.

Гоце Тодоровски е често присутен на програмите на радиото и телевизијата учествувајќи во скоро сите хумористично – сатирични емисии, драми и серии.

За своите актерски остварувања добитник е на Награда за најдобра улога, за ликот Цанде во претставата „Солунски патрдии“, на Театарски игри „Војдан Чернодрински“ во Прилеп а во 1986 година беше прогласен за најпопуларно ТВ лице според весникот „Вечер“.

Гоце Тодоровски оствраил и четиресетина улоги на филм и тв и во популарни тв серии, меѓу кои во „Наши години“, „Јуначко колено“, „На наш начин“, „Солунски патрдии“, во Македонските народни приказни, „Среќна Нова 49“, „Трст виа Скопје“, „Чук, чук Стојанче“, „Викенд на мртовци“, „Ангели на отпад“, „Салон Хармони“ и др.