Актерот Џонатан Мејџорс уапсен за напад во Њујорк

Американскиот актер Џонатан Мејџорс, кој играше во неодамна објавените филмови „Creed III“ и „Ant-Man and the Wasp: Quantumania“, уапсен бил во саботата поради наводна семејна кавга, соопшти њујоршката полиција.

Триесет итригодишниот Мејџорс е приведен по дојава во полицијата упатена од стан во квартот Челзи на Менхетен, се наведува во соопштението на њујоршката полиција, пренесува телевизијата CNN.

„Жртвата ја извести полицијата дека е нападната“, се наведува во полициското соопштение. Триесетгодишната жена, чиј идентитет не е наведен, имала „полесни повреди на главата и вратот“, се додава.

Според полицијата на Њујорк (NYPD), Мејџорс се соочува со обвинување за давење, напад и вознемирување.

Адвокатката на актерот, Прија Чаундри, изјавила дека нејзиниот клиемнт е „потполно невин“ и дека е „докажливо оти е жртва на кавга со жена којашто ја познава“.

„Брзо ќе ги собереме и презентираме доказите за окружниот обвинител со очекување дека сите обвиненија ќе бидат отфрлени“, наведува адвокатката Чаундри во писмената изјава објавена во неделата.

Додава дека тие докази би вклучувале две писмени изјави на жена којашто ги негира обвинувањата, како и видео-снимка од возилото во коешто инцидентот наводно се случил, како и сведочење на возачот и други сведоци.

Веднаш по објавувањето на обвинувањата, американската војска објави дека ги повлекува двата неодамна објавени огласа за регрутирање во коишто се појавува Мејџорс, наведувајќи во изјавата дека е „длабоко загрижена“.