Активен пожар над гевгелиското село Моин

Жители на гевгелиското село Моин попладнево пријавиле дека избувнал пожар на нива во месноста викана Срнак од другата страна на Конска река.

Територијалната противпожарна единица Гевгелија веднаш по дојавата со едно возило и тим пожарникари излегла на терен, но состојбата не била ставена веднаш под контрола, затоа што потпомогната од ветерот горела сува трева над местото викано Краварник. Потоа во гаснењето на пожарот кој се проширил на нискостеблеста шума и се уште е активен се вклучиле три возила и шест пожарникари, како и вработени од шумското стопанство на Гевгелија.

Пожарникарите и шумските работници на лице место во овие моменти рачно работат на обиколување на онгот и негово локализирање.

„Работиме на локализација на опожареното место јужно од Краварникот од каде почна пожарот кој се шири кон поранешнта караула. Објектот не е во опасност исто како и селото и вложуваме максимални напори пожарот да го локализираме и ликвидираме“, велат од ТППЕ Гевгелија.

Опожареното место цела вечер ќе биде набљудувано и контролирано од екипи на ТППЕ Гевгелија и работници на гевгелиското шумско стопанство за да не дојде до негово проширување.