Талибанските власти ги ослободиле од затворот четирите активистки за женски права кои беа уапсени во авганистанската престолнина Кабул и од тогаш се водеа како „исчезнати“, објави во неделата мисијата на Обединетите нации во Авганистан.
„По долгиот период на неизвесност ослободени се четирите активистки кои беа сметани за ‘исчезнати’ , како и ним блиските лица кои исто така беа водени како исчезнати“, објави на Twitter мисијата на ОН.
Тамана Зарјаби Парјани и Парвана Ибрахимкхел биле уапсени на 19-ти јануари, неколку часа откако учествувале на протест за правата на жените во Куабул. Другите две активистки, Мурсал Ајар и Захра Могамади, талибанските власти ги привеле на почетокот од февруари. И во двата случаи талибаните негираа дека знаат нешто за нивното исчезнување и рекоа да отвориле истрага за случајот.
Откако кон средината на ланскиот август речиси без отпор истовремено со хаотичното повлекување на американскиите и сојузничките војски по две децении од Авганистан талибаните дојдоа на власт, тврдеа дека се промениле и осовремениле во однос на првото владеење од 1996 до 2001 година кога водејќи се од строгото спроведување на нивното сфаќање на шеријатските закони ги газеа човековите права.
Но откако дојде на власт ова исламистичко движење, повторно се обвинувани дека го замолчуваат секој глас на опозицијата и ги растураат протестите за женски права. Критикувани се и за нетранспарентни приведување на лица кои ќе се осмелат да го критивкуваат талибанскиот режим, дека ги задушуваат медиумските слободи, приведуваат новинари кои неретко и се претепувани и редица други случаи на непочитување на основните човекови права.