Министерот за локална самоуправа Златко Перински очекува од посетите на општините да добие предлози и сугестии за планираната втора објава на повикот за финансиска поддршка на инфраструктурни проекти, да добие информации за подготовеноста на општините за следните апликации, како и за евентуалната потреба од помош при подготовката на техничката документација.
До која фаза се стасани општините со реализација на проектите за кои добија помош од централниот буџет? Имате ли увид и сознанија од терен?
„Како министер, постојано сум во тек со целата процедура и процес на имплементација на овие проекти. Имам детални информации за сите фази на нивната реализација и со задоволство можам да кажам дека општините сериозно и посветено работат на спроведувањето на овие проекти. Ова е очекувано, со оглед на тоа дека општините веќе покажаа висок степен на максимална посветеност уште во фазата на аплицирање, што говори за нивната мотивација, желба, а пред сѐ потреба да ги реализираат овие важни проекти“, вели меѓу другото министерот Перински во интервјуто за Плусинфо.
Конкретизира дека во моментов четири проекти веќе се започнати и активно се реализираат на теренот, односно градежните работи се во тек. За 203 проекти, тендерската процедура е веќе во завршна фаза и Перински очекува дека многу брзо ќе започне и нивната имплементација. Оценува дека тоа е потврда дека динамиката на работењето е навистина активна и дека се исполнуваат поставените рокови.
За 40 проекти, тендерирањето е завршено, потпишани се договори со изведувачите, за 39 проекти, тендерите ќе бидат распишани во наредните денови, а за два проекта јавната набавка треба да се повтори.
„Сето ова укажува дека оваа година ќе бидеме сведоци на вистински градежен бум во општините. Граѓаните ќе добијат нови градинки, нови улици, подобрени канализациони системи, реконструирани мостови, нови спортски игралишта… Овие проекти не се само инфраструктурни инвестиции, туку и важни за подобрување на квалитетот на животот на граѓаните. Од една страна, ќе се создадат подобри услови за секојдневен живот, а од друга страна, ќе се создадат поволни услови за развој на локалната економија и општеството во целина. Проектите ќе придонесат за одржлив развој на сите општини, создавајќи нови можности за раст и напредок“, подвлекува Перински.
„Од информациите со кои располагаме од терен, од сите инволвирани во имплементацијата на проектите, можам да кажам дека општините максимално се насочени и активно работат на сите фази на реализација. Ова е охрабрувачки и позитивен показател за сите нас и доказ дека определбата на Владата да им помогне финансиски на општините е повеќе од оправдана со што значително ќе придонесеме за развој на локалните заедници и за подобрување на квалитетот на секојдневието на граѓаните во сите општини“, додава Перински.
Вели дека во таа смисла како министер е посветен сум на активностите и сака да има личен увид во состојбите на теренот и затоа најавува дека наскоро ќе започне со теренска посета на секоја општина и увид на реализација на секој проект одделно.
„Целта на овие посети е да се уверам лично во напредокот на реализацијата на проектите, како и да поразговараме и за евентуалните непредвидени проблеми што може да се појават во текот на имплементацијата, со цел навремено да се изнајдат решенија и да се избегнат било какви застои“, вели министерот.
Истовремено, од овие посети Перински очекува да се добијат предлози и сугестии од општините за планираната втора објава на повикот за финансиска поддршка на инфраструктурни проекти..
„… Да добиеме навремени информации за подготовеноста на општините за следните апликации, како и за евентуалната потреба од помош при подготовката на техничката документација. Целта е да им обезбедиме на општините максимална поддршка и да ги поттикнеме да бидат што поподготвени за новите предизвици и можности овозможени со планираниот втор јавен повик“, посочува Перински.