Подружницата на грчката компанија „Актор“ АДТ во Скопје денеска соопшти дека работата и градежните активности за изградба на автопатот Демир Капија – Смоквица продолжуваат според планираното.
Денеска во нивниот камп во Миравци ќе се одржат интервјуа за работа со кандидати пријавени на нивниот оглас за работа минатиот месец.
На 13 минатиот месец Јавното обвинителство на РМ информираше дека покренало преткривична постапка за случајот „Актор“ и е донесена времена мерка за блокирање на имотот и сметките на две трговски друштва на компанијата во Македонија. Државниот јавен обвинител Марко Зврлевски изјави дека од Управата за спречување перење пари е доставен извештај до Основното јавно обвинителство за сомнителни трансакциии и е поднесен предлог до надлежен суд за блокирање имот на одредени трговски друштва и сметки за кои е веќе изречена времена забрана.
За случајот „Актор“ Управата за финансиско разузнавање соопшти дека навремено, согласно ингеренциите, ги презела сите мерки и дејствија и оти по добиените првични сознанија на 11 ноември 2013 година отвориле предмет за испитување на случајот и утврдување на сите факти, како и евентуално утврдување на постоење одговорност.
Изградбата на автопатската делница Демир Капија – Смоквица, во должина од 28 километри, со инвестиција од 210 милиони евра, почна во септември 2012 година. Од почетокот на изградбата за реализација на проектот беа ангажирани 450 работници, а минатиот месец „Актор“ распиша оглас за прием на нови 350.
До крајот на јануари годинава, според тврдењата на компанијата, беа извршени една третина од планираните активности и инвестирани 46 милиони евра.