Ал-Атијах и понатаму одличен, Бареда “гази” помеѓу мотоциклистите

Релито Дакар влезе во нова држава, но тоа не ја промени старата доминација на Насер Ал-Атијах и Жоан Бареда. Двајцата како да се натпреваруваат кој ќе биде поубедлив во своите категории триумфирајќи на три од четирите досегашни етапи.

На денешната, долга 315 километри од Чилесито во Аргентина до Копиапо во Чиле, кај автомобилите Катарецот Ал-Атијах славеше со време 3:09:18. Со задоцнување од 2:40 минути зад него се пласира ланскиот шампион Нани Рома, исто така со Мини, додек трето место освои Јужноафриканецот Жиниел Де Вилиер со Тојота, доцнејќи 2:57. Единаесеткратниот шампион Стефан Петерхансел водеше сѐ до последната мерна точка, но на крај заврши петти.

Кај мотоциклистите Шпанецот на Хонда, Жоан Бареда триумфираше со две минути подобро време од сонародникот Марк Кома од КТМ и уште 50 секунди предност пред третопласираниот Квилјљнида од Чиле. Бареда има веќе 12:49 минути водство пред Кома во генералниот поредок, додека кај автомобилите Ал-Атијах „му бега“ 8:15 минути на Де Вилиер.

Утрешната петта етапа се вози од Копиапо до Антофагаста, во должина од 458 километри.