Абу Бакр ал- Багдади, ирачки џихадист кој се појави одненадеж а пота како водач на ултрарадикалната сунитска организација Исламска држава се самопрогласи за „калиф“ на сите муслимани, беше цел на американска воена операција во Сирија ноќта кон неделата и во неа е убиен оставајќи зад себе крвата трага на масовни убиства, стравични екгзекуции и ужасни разорувања.
Како е лоциран ал-Багдади
Специјалната операција во која требало да биде уапсен или ликвидиран ал-Багдади, требало да биде спроведена пред пет дена, но трипати била одложувана поради присуство на многу жени и деца, дознава панарапската телевизија Al Mayadeen, чие седиште е во Бејрут. Конечно таа е изведена ноќта од 26-ти кон 27-ми октомври, откако минатата седмица била одобрена од американскиот претседател Донал Трамп.
Повикувајќи се на припадници на ирачкото разузнавање, агенцијата Reuters пренесе дека маж и жена од блиското опкружување на лидерот на Исламската држава го предале на ирачките специјални сили. Потоа, разузнавачките информации биле доставени до меѓународната коалиција предводена од САД. Ирачките разузнавачки служби ги имале точните координати за тоа каде се наоѓал ал-Багдади и тоа го овозможило планирањето на нападот во кој е ликвидиран.
Ирачките разузнавачки служби дознале каде престојува ал-Багдади по апсењето на маж и жена од ткн негов „внатрешен круг“ чии идентитети се тајни а само е познато дека се Ирачани. Двајцата дале информации благодарејќи на кои било откриени тајно место во западната ирачка пустина, каде што се чувале докумнети во кои била наведена и информацијата за местото на кое престојувал ал-Багдади.
„Нашиот Меси“ стана крвавиот „калиф“
Абу Бакр ал-Багдади, Ибрахим Авад Ибрахим ал-Бадри или ал-Самара, е роден 1971 година во Тобчи, сиромашен дел на градот Самара, северно од Багдад, во семејство на проповедник од ултраконзервативниот салафистички огранок на сунитскиот ислам. Во рамките на таканаречениот „сунитски триаголник“, ова „повлечено, чудно и многу тивко“ момче, ревносно го проучувало Куранот и уште во раното детство го добил прекарот „Верникот“. Но бил познат и како голем вљубеник во фудбалот и играл за локалниот тим од џамијата. Го нарекувале „нашиот Меси“. Неговите колеги од студентските денови истакнуваат дека имал убав глас и оти бил нетрпелив кон насилството, па изразуваат чудење како ова момче за кое биле уверени дека ќе биде проповедник станал водач на една од најбруталните терористички организации.
Во 2003 година, по американската инвазија врз Ирак, прво ѝ се придружува на армијата на ирачкиот сунитски диктатор Садам Хусеин, а потоа на салафистичките џихадисти. Американските сили го уапсиле и затвориле во затворот Бука, каде набрзо станал многу популарен како проповедник и фудбалер кој играл во затворскиот двор. Овојпат го добил прекарот „Марадона“, а Американците под сѐуште нејасни околности го ослободиле една година подоцна, со оцена дека не претставува воана закана.
По повлекувањето на американските трупи од Ирак во раните десетти години од овој век, социоекономските услови во земјата продолжија да се влошуваат, а припадниците на Ал Каеда биле деморализирани и тогаш воопшто не стануваше збор за калифат. Скромниот и тивок теолог тогаш ја создава во Ирак паралелната терористичка организација Исламска држава. Негови следбеници стануваат не само ирачките припадници на Ал Каеда, туку и сунитите офицери и војници во армијата на Садам Хусеин.
Вниманието на светската јавноста ја привлече на 4-ти јули 2014 година, кога од проповедалницата на средновековната џамија ал-Нур во Мосул го прогласи обновувањето на средновековниот калифат кој се протегал од Ирак до либанските брегови на Средоземното Море. „Бог ни нареди да се бориме против непријателите“, порача тогаш ал-Багдади, претставувајќи се како „калифот Ибрахим, командант на правоверните“.
На неговиот повик се одзвааа илјадници доброволци од целиот свет за да станат Jund al-Khilafa – војници на калифатот, кои се бореа против шиитите, извршија геноцид на најстарата блискоисточна етноконфесионална заедница Језиди, против Русија, САД и нивните западните сојузници. На врвот од моќта во 2016 година, Исламската држава владееше со милиони луѓе на областа од северна Сирија преку градовите и селата по должината на речните долини на Еуфрат и Тигрис до предградијата на Багдад.
Исламската држава ја презема одговорноста за нападите во десетици градови на сите пет континенти, како Париз, Ница, Орландо, Манчестер, Лондон, Сиднеј и Берлин, како и на градови во Турција, Иран, Саудиска Арабија и Египет. Џихадистичката организација во шиитскиот дел на ирачката престолнина Багдад во јули 2016 година на верски празник изврши напад во кој беа убиени 325 луѓе. Меѓутоа, со иста свирепост елиминираше и свои поранешни сојузници во редовите на салафистичките џихадисти. Така поведе војна против Џебхат ал-Нусра, сирискиот огранок на Ал Каеда, која во 2013 година ја обвини за „отсуство на радикалност“ и ги прекина контактите со нејзиниот нов лидер Ајман ал-Завахри.
Во ноември 2016 година, во текот на судирите на ирачките сили и џихадистите во Мосул, своите борци и населението од целата покраина Нинева ги повика на борба против „Божјите непријатели“ кои по две години успеаја да влезат во една од ткн престолнини на „Калифатот“, покрај сирискиот град Рака, а на борците самоубијци им порача „ноќите на неверниците да ги претворат во денови“. „Опустошете ги нивните земји и напреавете сѐ нивната крв да тече во потоци“, им порача тогаш ал-Багдади на своите борци во видео-порака.
И додека Исламската држава конечно беше поразена на теренот, експертите за безбедност сметаат дека оваа групација преку тајни операции и ненадејни брзи напади и натаму претставува опасност. Се верува дека Исламската држава ширум светот има свои ќелии и „спијачи“, додека некои нејзини борци оперираат од џепови во сириската пустина и во ирачките градови.
Меѓутоа, губењето на териториите во Ирак и во Сирија, од ал-Багдади направи бегалец кој се криеше во пустинската обаст меѓу двете земји. Беше принуден да патува во тајност од едно засолниште до друго, само придружуван од возач и двајца телохранители. Стравувајќи се од атентат или предавство поради наградата која по него ја распишаа САД од 25 милиони долари, не можел да користи телефони и им верувал на само неколкумина курири за да комуницира со двајцата блиски ирачки соработници – Ијад ал-Обади, неговиот „министер за одбрана “ и Ајад ал-Јамали, шефот на неговото осигурување. Но Јамали е убиен во април 2017 година, а локацијата на којашто се крие Обаиди и натаму е непозната.
Багдади долго беше на американската листа на најбараните терористи, но го бараа и безбедносните служби на многу замји и од регионот кои учествуваа во уништувањето на Исламската држава, а по него се трагаше и откако Ирак и Сирија го повратија речиси целото окупирано подрачје. Неговата радикална група стана позната по ѕверствата против верските малцинства и напади на сите пет континенти против „неверниците“ во има на радикалниот ислам кој ги запрепасти и умерените муслимани.
Кој ќе го замени ал-Багдади
По потврдата на убиството на ал-Багдади, засега не е се гледа кој од неговите командати има доволно „тежина“ за да ја преземе титулата „калиф“ и сѐ што таа носи со себе. Џихадистите Абу Абдел Рахман ал-Џезрауи Абу Осман ал-Фаранси, би можеле да ја предводат терористичката Исламска држава по смртта на новниот водач, пренесува телевизијата Al Mayadeen.
Арапските медиуми, пак, наведуваат дека ал-Багдади недолго пред неговата ликвидација го пролгасил својот наследнил и според нив станува збор за ирачкиот туркмен Абдула Кардаш, кој бил најголемиот следбеник но и истовремено и најголем конкурент на ал-Багдади. Неговото вистинско име е Амир Мухамед Саид ал-Маул, и е пет години поблад од својот покровител. Кардаш се запознал со ал-Багдади во американскиот затвор, а исто така бил војник во војската на Садам Хусеун, а потоа го привлекле идеите на Ал Каеда.
Кардаш дипломирал на исламски универзитет, а поради неговиот фанатичен став кон религијата бил нарекуван „Учителот“ или „Злобниот воин“. Луѓе кои се запознале со него за медиумите велат дека бил поелоквентен и поголем оратор од ал-Багдади и дека со часови умеел да чита проповеди. По поразот на Исламската држава, арапските медиуми повеќепати пишуваа дека нејзините челници си поставиле задача да ги сплотат деморализираните остатоци на мрежата. Ал-Багдади, кој стравувал од конкурентите, сепак официјално го назначил Кардаш за свој помошник. Но аналитичари од регионот велат дека Кардаш само е водач на ирачките сили на Исламската држава, и оти не станувало збор за никакво напредување во хиерархијата на џихадистичката организација.
Експертите за исламски организации сметаат дека не треба да се избрзува со прогласувањето наследник на ал-Багдади, и потсетуваат дека конкретно кога станува збор за Кардаш, неговото потекло нема да му овозможи да ја предводи Исламската држава. Имено Кардар, за разлика од ал-Багдади, не е од родот на курајшитите, односно потомците на пророкот Мухамед.
Според политиколозите, многу веројатно е и дека шпекулациите за новиот џихадистички водач ги шири ирачкото разузнавање со цел да ги деморализираат остатоците од исламистичкото движење. По поразот Исламската држава, се чинеше дека терористичката организација нема да може да се возобнови. Пентагон и ирачките тајни служби вече долго време предупредуваат на зајакнување на Исламската држава во Ирак и во источна Сирија. Властите на двете земји сѐ уште не контролираат многу области, особено ноќно време, па се зборуваше за трансформација на Исламска држава во ткн „ноќен калифат“. Тоа ги принудува ирачките власти и специјалните служби да бараат неконвеционални начини за борба против терористите и шпекулациите за смртта на ал-Багдади во минатото, беа едни од тие начини.
За многу аналитичари ал-Багдади одамна во Исламската држава имал прилично симболична улога. По неговата ликвидација џихадистите бездруги ќе се обидат од неговата личност да направат мит и да ја пратстави неговата смрт како потврда на неговата светост. Се претпоставува и дека ќе се обидат да создадат слика за беспрекорен калиф кој ги поставил темелите на модерната исламска држава на земјата. А тоа не би ги деморализирало нивнтите приврзаници, туку напротив – ќе ги обедини.
Но веднаш по потврдувањето на веста за ликвидацијата на Абу Бакр ал-Багдади, американскиот министер за одбрана Марк Еспер истакна дека САД ќе продолжат будно да следат евентуално појавување на нови челници на Исламската држава и оти ќе поведат операции против нив доколку се појават. „Доколку се појави нов водач или водачи, ние, исто така, ќе ги следиме“, рече Еспер во неделата во интервјуто за телевизијата CNN.
Бин Ладен или ал-Багдади, шпекулации и наследници
За разлика од Ал Каеда, Исламската држава е организација којашто е мрежно структуирана. Односно не постои единствено централно водство кое носи одлуки, а теористичките келии работат независно една од друга. И доколку Осама бин Ладен се сметаше за неспорен авторитет меѓу неговите приврзаници, челникот на Исламската држава повеќе беше доживуван како симбол. Единствената сличност меѓу нив, покрај многуте медиумски извештаи за нивната наводна смрт, и двајцата потоа се појавуваа со објави докажувајќи дека се живи.
Аналитичирите забележуваат дека откако Исламската држава ја загуби најголемиот дел од териториите во Сирија и Ирак, сѐ позабележлива несигурноста на ал-Багдади во неговите видео-пораки емитувани преку интернет. Едно од таквите видеа се појави во август минатата 2018 година, иако пред тоа разузнавачките организации во регионот објавија дека тој е ликвидиран.
Подоцна се појавија шпекулации дека тој е сериозно ранет, и е парализиран во екстремитетите. На интернет потоа беш објавено видео во кое тој слободно ги движи рацете и нозете. Не е јасно кога е снимен тој материјал, но многу медиуми повикувајќи се на извори во ирачките и западните разузнавачки служби објавија дека со сигурнот „деновите на ал-Багдади се изброени“ и оти тој наводно бара својо наследник.
Такви беа вестите од март 2017 година телевизијата Al Sumaria пренесе дека Абу Бакр ал-Багдади во својот говор го признал поразот на својата групација во тогашната битка за Мосул. „Ал –Багдади го нарекол својот говор проштален, и го поделил меѓу проповедниците на Исламската држава и во него објаснил она што се случува со групацијата. Проповедниците започнаа да зборуваат за поразите коишто ги претрпува организацијата во покраината Нинева и во другите делови на Ирак“, рекол тогаш неименуваниот извор на телевизијата.
Кон средината на февруари истата година беше објавено дека 13 команданти на Исламската држава се убиени во напад во офанзивата врз градот Мосул, но на листата го нема името на Ибрахим ал-Самараи, поранешниот затвореникот во американскиот затвор Гвантанамо, попозната како Абу Бакр ал-Багдади. Ирачката армија тврдеше дека ал-Багдади една седмица претходно го напуштил сирискиот град Рака, дотогашната неформална престолнина на неговиот ткн „калифат“, во регионот Ал-Каим, на ирачката страна од границата, за со своите команданти да разговара за „колапсот кој се одигрува во Мосул и за изборот на евентуалниот негов наследник“.
Ал-Багдади, според некои претходни извештаи, веќе неколкупати бил рануван. Ирачката телевизија al-Sumaria тогаш објави дека некои џихадистички команданти наводно му ја откажале послушноста на ал-Багдади поради загубите во Мосул. Локални извори за телевизијата во неделата рекле дека дезертерите од редовите на џихадистите одбиле да учествуваат во самоубиствените бомбашки напади, кои ги наредил ал-Багдади. Телевизијата цитираше извесен Абу Абдула ал-Шами, еден од челниците на џихадистите во Мосул, кој рекол дека ал-Багдади е неспособен да го одбрани градот и да возврати на нападите. Го критикувал дека Исламската дражва постојано губи делови од големата територија којашто ја зазема во офанзивата од летото 2014 година во Сирија и во Ирак.
Претходно уште во април 2015 година ирачката новинска агенција Waradana објави дека водачите на борците на Исламска држава во градот Мосул во северен Ирак му се заколнале на верноста на новиот „калиф“ Абу Алаа ал-Афри по потврдата на информациите за наводната смртт на ал-Багдади.
„Командантите на организацијата (Исламска држава) го потврдија загинувањето на Абу Бакр ал-Багдади, ранет пред неколку дена за време на американски воздушен напад. Тој умрел на рацете на својот лекар во сирискиот град Рака (центар на калифатот – з.р.) каде што бил пренесен по ранувањето“, рекол тогаш наводен соговорник на агенцијата.
Социјалните мрежи и на интернет страниците на ирачките медиуми известуваа тогаш дека новиот челник на фанатизираните исламисти од Исламската држава е Абдурахман Мустафа ал-Шејхлар, попознат по прекарот Абу Алаа ал-Афри. Ал-Афри е родум од Талафаре, познат и како Хаџи Иман, по образование е педагог, наставник по физика, исто така студирал и теологија а работел и како возач на минибус. Веќе во 1990-те во својот роден град станал највлијателниот проповедник на такфирската и џихадистичка идеологија, којашто тогаш ја проповедал тајно, а некогаш и сосема отворено во големата џамија на пазарот во Талафаре. Во 2004 година побегнал од родниот град, пред потерата од американските сили и ѝ се приклучил на Ал Каеда. Беше нарекуван претседател на консултативниот совет на Ал Каеда во Ирак. Како и ал-Багдади, беше уапсен од Американците, но по извесно време, исто така, ослободен во неразјаснети околности.