Ал-Башир во Русија: Спасете ја Африка од САД

Суданскиот претседател Омар ал-Башир изјави во четвртокот на средбата со рускиот претседател Владимир Путин дека на Судан му е потребна заштита од агресија од САД, и покрај тоа што неодамна беа укинати дваесетгодишните американски санкции за оваа земја.

Картум ѝ ја отвора на Москва „вратата на Африка“ и сака Русија да го заштити Судан од влијанието на САД, посочил Омар ал-Башир кој самиот ја дефинирал улогата што неговата земја може да ја одигра во идните руски планови како „клучот“ од африканскиот континент

„Сметаме дека она што се случи со нашата земја е резултат на американската политика и ни е потреба заштита против агресивните потези на САД“, изјави суданскиот претседател Омар ал-Бешир на средбата во резиденцијата на руските претседатели во црноморското летувалиште Сочи..

Ал-Башир прецизираше дека Картум сака да ја зајакне воената соработка со Москва поради опремување на своите вооружени сили. „Оружјето коешто го поседуваме е од руско производство“, потсети претседателот.

Ова е прва посета на Русија на Омар ал-Бешир, против кој е издаден меѓународен налог за апсење поради наводен геноцид издаден од Меѓународниот кривичен суд, откако администрацијата на претседателот Доналд Трамп го укина американското ембарго.

САД во октомври донесоа одлука за укинување на санкциите воведени за Судан во 1997 година, но ја задржаа оваа земја на листата „земји кои го поддржуваат тероризмот“.

Одговарајќи на новинарско прашање како Путин ја оценува ситуацијата на суданскиот челник во врска со потерницата, портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков изјавил дека ал-Башир е сѐ уште легитимен претседател на Судан.