Ал Каеда ги повика следбениците да почнат со напади врз Евреите

Џихадистичката терористичка мрежа Ал Каеда ги повика своите следбеници и симпатизери да започнат со напади врз Евреите и нивните сојузници ширум светот.

„Нека џихадот против агресивните Евреи и нивните сојузници се прошири на секоја земја, морето и небото“, се наведува во соопштението објавено во петокот вечерта преку вообичаените пропагандни канали на терористичката мрежа.

„Синовите на исламот“ мора да ги нападнат „ционистите“ на местата како што се улиците во Дубаи, Аби Даби, Саудиска Арабија и Бехреин, се наведува уште во повикот на Ал Каеда која ги повикува своите симпатизери и другите исламистички групи да им се придружат во борбата.

Борците на радикалното палестинско исламистичко движење Хамас, изведоа минатата сабота напад без преседан во децениската војна против Израел, со продор во воените бази, населби и градови во јужен Израел, убивајќи притоа повеќе од 1.300 луѓе, а ранувајќи 3.391 лице.

Израел одговори со масивни воздушни и артилериски удари врз палестинската енклава Појасот Газа каде се седиштата на Хамас. Во овие операции убиени се повеќе од 2.000 Палестинци, а повеќе од 7.696 се ранети, според палестинските здравствени власти.

Ал Каеда, исто така, повикува да бидат напаѓани симпатизерите и приврзаниците на Израел.

„Затресете ја почвата под американсите воени бази, нивните аеродроми и амбасади во нашите исламски региони. Бидејќи од нивните складишта таа муниција заминува во Израел и паѓа врз главите и градите на нашите палестински браќа“, стои уште во соопштението на Ал Каеда.

Засега не е познато колкаво е влијанието на оваа терористичка мрежа, којашто беше потисната во втор план летото 2014 година, кога нејзиното ирачко крило – кое се нарече Исламска држава на Ирак и Левантот (ISIL), подоцна преименувана само во Исламска држава (IS), во ненадејна офанзива зазема големи области од Ирак и Сирија. Подоцна Исламска држава почна да ја истиснува Ал Каеда од земјите во северна и западна Африка, како и во Авганистан каде беа најголемите бази на мрежата.

Ал Каеда ја презема одговорноста за нападите од 11-ти септември 2001 година, најголемиот терористички удар во историјата на САД на американска почва, со околу 3.000 жртви. Основачот и поранешне водач на организацијата Осама бин Ладен, поранешен американски сојузник во војната на талибаните против поранешниот СССР во Авганистан, го убија американските специјалци на 2-ри мај 2011 година во пакистанскиот град Аботебад. Наследникот на бин Ладен, Египѓанецот Ајман ал-Завахири, наводно е убиен во насочен напад со дрон во авганистанската престолнина Кабул во летото 2022 година, откако по две децении САД и нивните сојузници од НАТО хаоточно се повлекоа од Авганистан овозможувајќи му на радикалното движење Талибан без отпор да се врати на власт.