![bakterija](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2013/12/bakterija.jpg?resize=600%2C350&ssl=1)
Веќе подолго време експертите предупредуваат дека претераната употреба на антибиотици ќе доведе до развој на супербактерии, отпорни на сите видови антибиотици, а првиот таков случај во светот се појави неодамна.
Првиот случај на зараза со бактерија отпорна на сите антибиотици се појави во Америка, а експертите велат дека се загрижени затоа што оваа супербактерија би можела да се прошири.
Постои ризик од пост-антибиотски свет, вели Томас Фриден директор на американскиот Центар за контрола и превенција на болести, коментирајќи за случајот на инфекција на уринарниот тракт кај 49-годишна жена од Пенсилванија.
Фриден нагласува дека бактеријата со која што е заразена оваа пациентка е отпорна на колистин, антибиотик што се чува како „резерва“ во случај на појава на супербактерии. Научниците соопштуваат дека мутацијата на ДНК-та што ја направила бактеријата отпорна на антибиотици се нарекува MCR-1.
Тоа ја најавува појавата на бактерии отпорни на сите лекови, тврдат експертите.
Супербактериите се опасни и претпоставуваме дека може брзо да се прошират, дури и во болниците, доколку хигиенските услови не се добри, вели микробиологот д-р. Гајл Касел.
Сепак таа вели дека за потенцијалното ширење на супербактеријата неможе да се говори подетално се додека не се испита како пациентката од Пенсилванија била заразена и дали постои уште еден таков случај во светот.