4.8 C
Skopje
сабота, ноември 30, 2024

Албанците рекордери според бројот баратели на азил во земјите од ЕУ

Албанскиот претседател Илир Мета ги објави, во петокот како што наведува, „повеќе од загрижувачките“ податоци на Евростат, за бројот албански граѓани баратели на економски азил на 10.000 жители, во периодот од 2014 до 2019 година.

Во тој период економски азил во некоја од земјите на ЕУ побарале 189.975 албански граѓани.

„Албанија во 2019 година е на прво место во Европа според бројот на економски баратели на азил на 10 илјади жители. Врз основа на податоците на Евростат, Албанија ја забележува најголемата нето миграција, во споредба со сите други балкански земји. Албанија зад себе ги остави и земјите кои штотуку излегоа од војна и граѓански конфликти“, наведува Мета.

Во објава на социјалните мрежи, претседателот Мета наведува дека „еден Албанец денес се чувствува многу побезнадежно од еден Сириец, Ирачанец или Авганистанец“.

Повикува дека сега е време да се размислува и да се дејствува за Албанците.

„Ефикасна борба против сиромаштијата, искоренување на монополите, укинување на коруптивните концесии, зголемување на платите и пензиите, создавање нови работни места, намалување на даноците, создавање нови можности за младите и запирање на депопулацијата. Време е да се мисли и делува за Албанците“, порачува Мета.

Во графиконот што го објавува Мета, на второ место се граѓаните на Сирија, по што следуваат оние од Косово, па од Македонија и Авганистан. Според бројот на барања за економски азил граѓаните на Србија се на осмото место, по што следуваат оние на Црна Гора, па на Босна и Херцеговина и на десетто место се граѓаните на Турција.