Албанците се 20 отсто во Македонија, демографски политики не се водат со иселеници

Во Македонија живеат само 20 отсто Албанци и одговорност за тоа треба да преземат нивните политички лидери, вели претседателот на ДС, Павле Трајанов, во емисијата „Студио 10“ на ТВ24.

Според Трајанов, околу 90 отсто од 132.269 граѓани кои не биле попишани како резидентно население, што претставува 7.3 отсто од вкупниот број евидентирани 1.836.713 лица, се етнички Македонци.

– Се радуваа на тоа што успеале 30 отсто да презентираат дека се Албанци. Но, ако 90 отсто се Македонци од оние околу 130.000 непопишани, тогаш колку ќе биде процентот на Албанци? Ќе биде околу 20 отсто, правевме анализа, но не треба да се радуваме на тоа. Албанците ги имаат сите права. Која е одговорноста на алабанскиот политички врв нивните граѓани што се иселиле од Македонија? Донесоа ли тие фабрики за да работат младите, да има единствено и меѓусебно разбирање меѓу сите граѓани? – прашува Трајанов.

Како што додава тој, голема грешка е и вградувањето на нерезидентно население во пописот, бидејќи, како што рече, демографски политики не може да се водат со иселеници.

– Нерезидентните да се тргнат и да се направи експертска група за да ги проучи компаративните податоци и да направи анализа на пописот. Вака, ако го запечатиме пописот, ќе избива екстремизам и национализам, кој не ни е потребен во овие турбулентни времиња – нагласува тој.