Претседателот на Алијансата за Албанците, Зиадин Села, оствари средба со жителите на Черкези, Куманово, пред кои ја промовира програмата „Држава за сите“ на коалицијата „Сега е време“.
Села истакна дека државата досега била еднострана, така што, како што кажа, време е да се создаде држава за сите, каде што сите ќе се чувствуваат подеднакви. Според него, денот на гласање е ден кога граѓаните имаат моќ да ја направат промената.
„Ние се соочуваме со ситуација што доаѓа еднаш на четири години и затоа треба да се зборува за тоа. Има многу партиски функционери кои доаѓаат и се обидуваат да ја загрозат политичката волја на граѓаните, волјата што тие сакаат да ја изразат. Денот на гласањето е ваша симболика, тие „пет минути“ кога чекориш кон гласачката кутија. Во седум часот наутро, лидерите на партиите, да немате дилеми не вредат ни нула. Бидејќи политичката моќ се мери во девет часот навечер и ние ќе бидеме толку силни колку вие ќе ни дадете политичка моќ, еден по еден со еден глас“, рече Села.
Тој, исто така, повика да не биде исклучен ниту еден Албанец, туку сите заедно да разговараат меѓусебно за политичката понуда што ја нудат Алијансата за Албанците и Алтернатива.
Претседателот на Алијансата за Албанците истакна дека Албанците со години верувале, но секогаш биле разочарани од албанските политички партии и како резултат за малку нова надеж го насочиле својот глас кон македонски субјект.
„Каде сме денес? Пред неколку месеци пред да започне пандемиската криза, го посетивме секое место, секое маало, секое село и секоја населба. Ние сме биле и тука во Куманово. И го видов третманот што СДСМ им го прави на Албанците. Тоа го имате видено и од медиумите. Тие велат општество за сите, но нема училиште за Албанците во Идризово, општество за сите, но нема училиште за Албанците во Чашка. Има илјадници албански деца кои учат на македонски, а не на албански јазик, нешто што е загарантирано и со човековите права дека секој може да се образува на својот мајчин јазик. Е ова не е заедничко општество за сите“, кажа Села.