Албанија ќе ја пуштиме, но не и Македонија – тезата на Бугарија е тешка за објаснување

Нелогично и тешко е да се објасни тезата дека ќе ја пуштиме Албанија, а за Северна Македонија ќе го гледаме прашањето од историски аспект, изјави бугарскиот европратеник и известувач на ЕП за земјава, Илхан Ќучук.

– Оваа теза е многу тешка за објаснување. Европа тешко ги разбира заплетканите историски разговори, бидејќи мора да ја отвори Пандорината кутија за сопствената историја, а таа не сака да го направи тоа. Но, Европа ги разбира многу добро човековите права и слободи. И затоа фер е барањето Бугарите во Северна Македонија да бидат составен дел од македонскиот Устав – рече Ќучук за БНР.

Тој вели дека има зголемен и легитимен притисок од европските институции за решавање на прашањето со Македонија и оти проширувањето е клучен приоритет на оваа Европска комисија.

– Бугарија нема за што да се грижи, најмалку да се обидува да избегне искрен, отворен разговор со Северна Македонија – како за минатото, така и за иднината. Но, очигледно е дека од национална гледна точка немаме јасно изразена позиција на ниво на власт. Ако оваа Влада треба да се критикува аргументирано – тоа е неможноста да постигне консензус за клучните прашања. Едно од нив е Северна Македонија, другото е односот кон Украина – коментира Илхан Ќучук.

Според него, формулата за решавање на прашањето, треба да биде резултат не само на внатрешните коалициски напори, туку и вклучување на опозицијата.