Албанија очекува и ќе ги отвори своите граници за најмалку две до три илјади Авганстанци, изјави албанскиот премиер Еди Рама во разговорот за италијанскoто издание Il Foglio.
„Нашата историја ни го наметнува ова. Сме преживеале војна и имаме свежи спомени за неа“, вели Рама.
Весникот ја опишува одлуката како манифест на премиерот Рама против оние Европејци што тој ги дефинира како „хипокрити “ и „без спомени“.
„Ако Европа е дволична и кон Авганистан, тоа е затоа што не се сеќава на историјата. Ние зборуваме за околу три илјади луѓе, ако треба и повеќе“, вели Рама.
Одговара и на прашањето дали Европа и особено Италија треба да извлечат поука од Тирана.
„Не му давам лекции никому. Особено не на Италија, за која сум многу приврзан. Но, јас велам дека чекањето бегалци е наша обврска. Се сеќавам на Милошевиќ, се сеќавам на војната, бегалците, смртта, тортурата. Ние некогаш бевме Авганистанци, за вас Италијанците. Споменот вклучува преземање одговорност“, одговора Рама.
Во Албанија, како што претходно најави Рама, до крајот на седмицава треба да пристигнат околу илјада Авганистанци. Првата група на аеродромот во Тирана требаше да слета завчера пред полноќ, па беше одложено за средата попладнето но таа сè уште не е пристигната поради состојбата на аеродромот во Кабул.
Тие ќе бидат сместени во студентскиот центар во Тирана, откако ќе ја минат неопходната процедура, за што од вчера во армскиот дел од аеродромот веќе се поставени шатори.