Институтот за статистика INSTAT, објави во петокот дека врз основа на прибраните податоци од спроведениот попис Албанија има 2.402.113 милиони жители.
Покрај тоа, податоците покажуваат дека во земјата живеат 755.950 домаќинства со просечна големина од 3,2 члена по семејство, кои живеат во 1.082.529 домови.
Споредено со пописот спроведен во 2011 година бројот на популацијата е помал за 409.864 жители. Во 2001 година попишани биле 3.069.275 жители.
„Изразено во проценти бројот на населението споредено со пописот во 2011 година се намалило за 16 отсто. Во периодот 2001/2011 падот е за осум отсто. Произлегува дека процентот на намалувањето на бројот на населението е двојно повисок“, објави Euronews.albania.
Оваа значајна статистичка операција беше спроведена од 18 септември до 30 октомври минатата година. Пописниот формулар содржеше 100 прашања а само за три, етничка и верска припадност и јазик, одговорот не беше задолжителен.
Ова е 12-ти по ред попис, од кога Албанија е прогласена за независна држава, во 1912 година. Првиот попис е спроведен во 1923 година, а претпоследниот беше во 2011 година. Планираниот, за 2021 беше одложен поради пандемијата со Ковид-19 а следната година бидејќи „не биле обезбедени неопходните алатки за собирање информации на терен“.