Албанија преку обврзница на меѓународниот пазар се задолжи со 650 милиони евра, со што земјата по петтипат се задолжува на тој начин, информираше министерката за финансии Делина Ибрахимај, по седницата на владата.
Соопштувајќи детали од договорот рече дека таа еврообврзница е со рок на доспевање од 10 години односно во ноември 2031 година.
„Албанија се појави по петтипат на меѓународните пазари. Оваа важна операција беше успешно завршена вчера. Еврообврзницата е издадена со вредност од 650 милиони евра, со долгорочна каматна стапка од 3,75 и со рок на доспевање 10 години. Споредено со последните две еврообврзници издадени од нашата земја, оваа сегашна имаше вредност слична на онаа издадена во последните 2 години и во вредност еднаква на издадената во 2020 година, рече Ибрахимај, оценувајќи го како успех во историјата на албанската економија.
Според неа еврообврзницата ќе оди за финансирање на буџетските потреби за оваа и за 2022 година, но главно најголемиот дел ќе остане за 2022 година.
Албанија првпат со еврообрзница се задолжи во 2010 година кога позајми 300 милиони евра, вторпат во 2015 година со 450 милиони евра, третпат се задолжи со 500 милиони евра во 2018 година. Во јуни 2020 година, по четврти пат Албанија се задолжи со еврообврзница од 650 милиони евра, со каматна стапка од 3,6 отсто.