Албанскиот Институт за статистика (ИНСТАТ) соопшти дека се заокружени сите потребни активности и пописот на населението, домаќинствата и становите ќе започне на 18 овој месец.
Директорката, Елса Дули за медиумите изјави дека „веќе се обезбедни потребниот број попишувачи кои ќе тропнат во секој дом за да собираат информации“.
-Пописот е статистичка операција која ќе даде слика за точниот број на резистентното население на територијата на Република Албанија. На 18 септември ИНСТАНТ ќе започне со процесот на собирање податоци на терен, кој ќе трае шест седмици. Ангажирани се околу 7.000 луѓе. Успешноста на пописот зависи од позитивниот пристап и учество на населението во него, што веруваме дека ќе се постигне, рече таа.
Додава дека формуларот содржи околу 100 прашања и само три од прашањата, а се однесуваат на вероисповеста, етничка припадност и јазикот, одговорот ќе биде на доброволна основа.
-Повикувајќи се на законот за попис на населението, домаќинствата и становите, сите жители кои се резидентни на територијата на Република Албанија се должни да одговорат на овој прашалник. Овде би издвоила три прашања, кои се изборни, необврзувачки, што значи одговорот не е задолжителен: религија, јазик и етничка припадност, рече таа.
Дообјасни дека попишувачите податоците ќе ги прибираат на таблети а првичните резултати од пописот се очекува да бидат објавени во јуни идната година.
Последниот попис во земјата беше спроведен во 2011 година. Планираниот, за 2021 беше одложен поради пандемијата со Ковид-19 а минатата година бидејќи „не биле обезбедени неопходните алатки за собирање информации на терен“.
Ова е 12-ти по ред попис, од кога Албанија е прогласена за независна држава во 1912 година. Првиот попис бил спроведен во 1923 година.