Албанија со рекорден историски увоз на електрична енергија од 213 милиони евра оваа година

Увозот на електрична енергија во Албанија годинава достигна рекордна вредност, највисока досега во историјата на државата, за што од јануари до ноември се потрошени 213 милиони евра, наведува во анализата весникот „Монитор“.

Како што јави дописничката на МИА од Тирана, во анализата се додава дека за да се разбере финансиската дупка предизвикана од ситуацијата во финансиите, доволно е да се каже дека оваа сума претставува 44,42 отсто од вкупниот приход на Електродистрибуција.

– Цените на увозот по денови и недели се движеле од 220 до 320 евра по мегават. Доколку хидролошката ситуација не претрпи тековно подобрување, на компанијата ќе и требаат уште најмалку 65-70 милиони евра за набавка на струја до крајот на годинава, констатира „Монитор“.

Исто така, оценува дека месец со најголеми енергетски трошења најверојатно ќе биде ноември, кога од 3. до 23 ноември се потрошени 65 милиони евра, во кој износ не е внесена сумата за последната недела од месецот, и додава дека во октомври биле потрошени 65,8 милиони евра.

Електродистрибуција претходно информираше дека увозот од јануари до септември бил 83 милиони евра.

– Во моментов земјава е во вонредна состојба во снабдувањето со електрична енергија и за ова се преземени низа мерки, како што се суспендирање на инвестициите од пазарните оператори, обезбедување 100 милиони евра со цел да се обезбеди енергија за потрошувачката во земјава, пишува „Монитор“.

Владата деновиве одобри и нови 100 милиони евра кои ќе се користат за увоз на струја за следната година.