Албанската опозиција повика на нов антивладин протест

Лидерот на побројното крило на албанските опозициски демократи, Сали Бериша денеска ги повика граѓаните утре масовно да учествуваат на протест, кој е најавен дека ќе се одржи пред Собранието во 17 часот кога е закажана пленарна седница.

„Револуцијата нè повикува! Утре сите пред Парламентот“ повика Бериша.

Инаку, илјадници приврзаници на албанската опозиција учествуваа на антивладин протест кој се одржа вчера на 11 февруари, повикувајќи на оставка на премиерот Еди Рама поради наводна корупција и лошо постапување со економијата.

Сали Бериша е поранешен претседател и премиер кој ја предводи Демократската партија на десниот центар, и поранешниот претседател Илир Мета, кој ја предводи левичарската Партија на слободата, беа меѓу демонстрантите пред главната зграда на владата барајќи оставка од премиерот Рама кој е на чело на владејачката централно-левичарска Социјалистичка партија.

Одржувањето утрешниот протест пред Собранието е во знак на незадоволство поради тоа што Советот за етика на законодавниот дом исклучи осум пратеници и приврзаници на Бериша, поради недолично однесување и блокирање на говорницата на последната седница, пренесува МИА.

Апел за масовно учество на утрешниот протест упати и Мета, за како што рече, да се стави крај на времето „кога од кабинетот на премиерот излегува само мизерија, депопулација и депортација на илјадници Албанци”.

Утрешниот ден албанската влада го пригласи за ден на национална жалост за настраданите во Турција и Сирија и засега нема потврда од Министерството за внатрешни работи дали ќе даде дозвола за одржување на протестот.