Албанската влада се изгоре со забраната за игрите на среќа, сега го гаси пожарот – Ќе ја направи ли Македонија истата грешка

Во Албанија на 1 јануари, 2019 година стапи на сила закон со кој се забрани сите облици на игри на среќа. Ваквиот закон беше аргументиран како начин земјата да се справи со зависностите и да ги заштити финансиите на домаќинствата, а албанската влада велеше дека со овој акт ќе го оневозможи и приливот на „црни фондови„ и ќе се намали криминалот во земјата. Но законот речиси вопшто не профункционира и не донесе никакви позитивни резултати. Ја чека ли Македонија истата судбина по најавата на законот со кој практично се предвидува затворање на 95% од сите објекти во кои се приредуваат игри на среќа? Влегува ли Македонија во вакво сценарио и враќање во деведесетите, во времето на илегални објекти за игри на среќа и црн пазар?

Теренски анкети спроведени во Албанија кои се однесуваат на игрите на среќа, покажуваат дека наместо овие дејности да исчезнат, тие само се преместија на други, нелегални, локации. Играчите продолжија да играат во камуфлирани простории што носи огромни штети по буџетот на земјата, но и ризици за играчите.

Пред усвојувањето на Законот, економски експерти во Албанија укажуваа дека затворањето на легалните објекти во кои се приредуваат игрите на среќа може да има ризични последици за економијата, но и за луѓето вработени во овој сектор. Овие предвидувања се покажаа како точни. Државата ја изгуби контролата над игрите на среќа, илјадници луѓе вработени во секторот останаа без работа, а секна и приливот на средства во државната каса. По затворањето на легалните игри на среќа во Албанија, државниот буџет на годишно ниво трпи загуби од над 60 милиони долари.

И албанските психолози укажуваа на ризиците од забраната на игрите на среќа. тие сугерираа дека играта нема да запре и дека оние кои сакаат да играат секогаш ќе најдат начин како тоа да го прават. Рестриктивните закони секаде се покажале како многу погрешни и затоа ниедна европска земја нема вакви закони за игри на среќа. Подоцна, нивните анализи покажаа дека по спроведувањето на законот во Албанија, состојбата е поалармантна од претходно. Луѓето кои сепак сакаат да играат се кријат на ризични места, каде што државата нема никаков пристап, а забраната за игрите на среќа воопшто не го намали обложувањето.

По направената грешка, албанската Влада две години подоцна го менува пристапот кон оваа проблематика. Иако согласно актуелниот Закон, казината се дозволени само во хотелите и одморалиштата со 5 ѕвезди кои се меѓународно сертифицирани и под амблемот на некој бренд, од неодамна казината повторно се враќаат и на други локации. Притоа за да се добие потребната лиценца за отворање, секое правно лице или здружение на правни лица мора да исполни посебни услови, а состојбата во секторот и индустријата е се уште лоша и неогранизирана.

Несомнено дека вакво сценарио ја чека и Македонија доколку Владата посегне по носење на рестриктивен закон кој ја ништи легалната индустрија и го отвора патот на нелегален пазар на игри на среќа. Според анализите на експертите, од ваквиот закон Македонија ќе губи над 250 милиони евра годишно по сите основи. Преку ноќ без работа ќе останат повеќе од 8,000 луѓе кои се директно вработени во објектите, а десетици илјади индиректно ќе трпат загуби. Според податоците, околу 54.000 работни места во земјата индиректно се одржуваат од оваа индустрија. Понатаму, околу 800 објекти ќе останат без прилив од кирии,а одливот на пари од даноци кон сивиот пазар ќе биде страотен. Ако се знае дека ваквиот пристап во регулација на игрите среќа е неефикасен, не се практикува во ниедна европска земја а резултатите во соседството се лоши, кој е тогаш мотивот на Владата? Владата во меѓувреме се уште тактизира и не го поставува најавениот закон на ЕНЕР каде ја најави само дистанцата од 500 метри, по што упатените направија анализи и јасно укажаа на штетите од ваквиот закон.