Бизнисменот Самир Мане, кој се смета за најбогатиот Албанец на Балканот, најави изградба на мини-град во Македонија. Тој планира овој град да го изгради на местото на Скопски саем, откако неговата компанија го доби тендерот за негово рушење и реализација на огромен објект во кој ќе бидат вклучени хотели, станбени објекти и трговски центар, пренесуваат медиумите на албански јазик.
– Ќе почнеме да градиме град, но не во Албанија. Тоа е еден мини-град во Скопје, инвестиција од околу 300 милиони евра. Градот содржи 1.400 стана, голем трговски центар и четири кули со канцеларии. Овој проект ќе го почнеме во мај. Се вика „Смарт сити“ и многу брзо ќе биде присутен во Македонија – изјави Мане на гостувањето во емисија емитувана на албанската телевизија „Клан“.
Тој истакна дека ова ќе биде амбициозен проект во кој ќе бидат вклучени и Македонци и Албанци и кој ќе започне не подоцна од крајот на мај.
Мане е познат по тоа што го изгради „Скопје сити мол“ и потоа им го продаде на Британците. Тој е сопственик на корпорацијата „Балфин груп“, која се состои од 18 компании, присутна е во седум земји и има повеќе од 3.000 вработени.
Извор: Факултети