Албанскиот парламент го ратификуваше договорот за враќање на 20-те икони во Македонија

Албанскиот парламент во четвртокот попладнето на пленарна седница го ратификуваше договорот за соработка меѓу Албанија и Македонија, за враќање на иконите криумчарени од македонска на албанска територија, јави државната агенција АТА.

Договорот беше изгласан со 73 гласа, со што се отвора патот да се вратат 20 икони во „нивната земја на потекло, кои по заплената во Албанија преминаа во сопственост на албанската држава врз основа на одлуките на албанските судови”.

„Врз основа на направената проценка, иконите се совпаѓаат со културните добра на соседната држава и врз основа на договорот, Министерството за култура ќе го следи целиот процес за нивно враќање во земјата на потекло, согласно обврските дефинирани во Конвенцијата на УНЕСКО од 1970 година“, стои во документот.

Во истрагата, која албанските власти ја водат под името „Икона“, во октомври 2013 година во Албанија беа запленети повеќе од илјада икони и црковни предмети. Беше утврдено дека 20 меѓу нив се по потекло од Северна Македонија, од каде што биле изнесени илегално.