Албанските студенти, по тринеделното „запоседнување“ на факултетите повторно се вратија на протести, барајќи исполнување на нивните осум барања, кои според нив ќе обезбедат поквалитетно образование.
Вчера тие протестираа пред Министерството за образование и Владата, а денеска се собраа пред албанскиот законодавен дом.
Од друга страна и професорите искажуваат револт посочувајќи дека „автономијата на универзитетите и академските слободи се доведени во прашање“.
Претставниците на студентите од протестите, ги повикаа професорите и „физички“да им се приклучат во протестите.
Во соопштение тие ја информираат јавноста дека не се откажуваат од протестите се до исполнување на нивните барања.
- Прво, ние како студенти не се откажавме од нашата главна битка за квалитетно образование. Второ, моментално се наоѓаме во клучен момент на нашите протести и очекуваме нашите професори од вербалните изјави и охрабрувања што ни ги даваат, да ни се придружат физички во протестите и бојкот на наставниот процес до вистинско исполнување на нашите барања. Универзитетот е заеднички на студентите и професорите, стои во соопштението.
Студентите одржуваа масовни протести речиси цел декември. Истите ги прекинаа за време на божикните и новогодишни празници, по што влегоа во факултетските простории и не дозволуваа влез ни на вработените, ни на претставници на ресорното министерството.