Алегри: Би било кукавички во овој момент да го напуштам клубот

Би било кукавички да го напуштите клубот сега, изјави тренерот на Јувентус, Масимилијано Алегри, по последните лоши резултати, и одземањето на десет бода поради финансиските малерзации на клубот.

Торинската „Старата дама“ минува низ тешки времиња откако во последните неколку дена беше елиминирана од Лигата на Европа, претрпе тежок пораз на гостувањето кај Емполи (1:4) само неколку часа откако беше казнета со одземање десет бода.

„Би било кукавички сега да го напуштам Јувентус“, изјави Алегри за Sky Sports.

По одземањето на бодовите, Јувентус од второто падна на седмото место со минимални шанси за пласман во Лигата на шампионите.

„Сакам да истакнам една работа: Јувентус е втор на табелата, го заслуживме тоа на теренот. Прифаќаме сѐ, но навистина се надевам дека ова ќе се реши еднаш засекогаш. Само нека одлучат каде го сакаат Јувентус, кажете нѐ и решете го проблемот. Тоа е недостиг од почит кон луѓето кои работат, играчите и тренерите. Не им кажувам што да одлучат, само барам да одлучат еднаш засекогаш. Ова е неверојатно“, додаде тој.

На Јувентус му се заканува казна и од Европската фудбалска федерација.

„Морам да разговарам со клубот и да видам што ќе се случи. Не знам дали воопшто ќе нѝ дозволат да играме во Лига Европа, ќе треба да почекаме и да видиме“, додаде тој.

Јувентус моментално е на седмото место со 59 бодови. Наполи е на врвот на табелата со 86 бодови, Лацио има 68, Интер 66, а Милан е четврти со 64 бодови. Следуваат Аталанта со 61 и Рома со 60 бодови.

Во последните две кола Јувентус го очекуваат соочувањата со Милан дома и на гости кај Удинезе.