Александар Николоски – позитива на европска Македонија

Доказ за исправните политики на опозициската ВМРО-ДПМНЕ и доследноста и посветеноста за европските вредности на потпретседателот Александар Николоски, резултираше со признание од бриселската непрофитна тинк-тенк организација „Пријатели на Европа“ (Friends of Europe), која го избра Николоски како еден од 40 највлијателни личности под 40 години во Европа.

Честитки за ова признание Николоски доби и од политичките противници. Лилјана Поповска од опозициската ДОМ на својот фејсбук профил напиша:

„Добро е Македонија да има повеќемина во влијателни кругови. Честитки за Александар, за изборот во “40 највлијателни луѓе под 40 години во Европа”!
Во Советот на Европа тој има значајна улога повеќе години и има издејствувано многу значајни одлуки за македонските малцинства. Да се радуваме за секого, независно од партиска припадност“.

„Пријателите на Европа“ е  основана во 1999 година во Брисел, а нејзиниот тим се состои од бројни сегашни и поранешни претседатели и претставници на Европската комисија и парламентот, европски претседатели и премиери, вклучувајќи ги Роберт Мецол, Патрик Кокс и Херман Ван Ромпуј – поранешен претседател на Советот на Европа и поранешен премиер на Белгија, Мирослав Лајчак, Жан-Клод Јункер, Карл Билт, Александер Де Кро премиерот на Белгија, Јап Де хоп Шефер- поранешен генерален секретер на НАТО, Тања Фајон, Штефан Филе – поранешен претседател за проширување на ЕУ, Колинда Грабар Китанивиќ, Федерика Могерини и други.

Николоски, посочи дека голема причина за наградата е неговата посветеност во  справување со корупцијата и настојување за членство на Македонија во ЕУ.

-Корупцијата е основна причина зашто младите ја напуштаат Македонија и регионот, корупцијата ја јаде економија и ја уништува демократијата, затоа мора силно да се бориме со неа. Покрај мене оваа година дел од 40 највлијателни личности под 40 години во Европа се и Михаел Шимечка – потпретседател на Европскиот парламент, Михаи Данила – потпретседател на најголемиот инвестициски фонд во светот Блек Рок, Катинка Хосу – пливачка која има три олимписки златни медали и вкупно 96 медали во кариерата, Томс Јурјевс – основач и директор на Сан Фајнанс груп која обезбедува преку 1,2 милијарди евра во кредити на мали корисници и други успешни млади лидери од Европа. Во изминатите речиси две децении голем дел од највлијателните и најталентирани личности во Европа биле дел од оваа програма и нивната воспоставена комуникација има силно влијание во Европа. Благодарам за изборот и одиме напред за доброто на Македонија, истакна Николоски.

Номинација за оваа награда нема, туку тие што вршат опсервација одлучуваат кому ќе му дадат признание.

Секоја година, се избираат европските млади лидери на возраст под 40 години кои, преку нивната работа и професионални достигнувања, имаа позитивно влијание во Европа во различни области, вклучувајќи политика, бизнис, наука, култура, спорт,  медиуми со цел натамошно креирање промени и градење подобра Европа за сите.

Целта на програмата „Млади лидери на Европа“ е да го промовира европскиот идентитет преку ангажирање на најперспективните тела кои ќе ја обликуваат иднината на Европа.

„Нивната страст, различноста на позадини и мислења, како и нивното иновативно размислување, заедно ја создаваат вистинската формула за генерирање свежи идеи за градење на Европа која повеќе размислува за иднината“, стои во програмата на „Млади лидери на Европа“ .

Програмата функционира како форум за оние кои веќе се етаблирале на чело на нивните професии за да се сретнат, разговараат и соработуваат со колеги од други области.

Програмата претходно беше отворена исклучиво за граѓаните на земјите од Европската унија, но од 2020 година вклучува и жители на Балканот.

Доктрината на Организацијата вклучува поддршка на мултилатерален свет во кој постои соработка за решавање на заеднички предизвици при прифаќање на  европските вредности и слободи

„Пријателите на Европа“ играат многу важна улога како глобална движечка сила за дебата и нови идеи.