Согласно Правилата за котација на Македонската берза на хартии од вредност, Комерцијална банка АД Скопје објавува дека на конститутивната седница на Надзорниот одбор на Банката, одржана на 04.06.2024 година, Александра Максимовска Стојкова е избрана за Претседател, а проф. д-р Ванчо Чифлиганец за Заменик претседател на Надзорниот одбор.
Д-р Александра Максимовска Стојкова поседува репутација на реномиран професор по правни науки на Правниот факултет Јустинијан I на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје и Раководител на мастер студиите – насока Финансово право. Предмет на професионален интерес и се даноците и буџетското право, а посебно правото на локално финансирање, за кои има објавено над 60 научни и стручни трудови во реномирани меѓународни и домашни списанија. Автор е на три универзитетски учебници, а како раководител и член учествува во повеќе од 20 научни и физибилити проекти и студии.
Тaa ја познава финансиската состојба и профилот на ризичност на Комерцијална банка, ги почитува законските одредби и договорните обврски, соработува со супервизорските органи и ја почитува корпоративната култура и вредности на Банката. Активно учествува во разгледување на прашањата поврзани со регулаторните барања за работењето на Банката, надзорот врз управувањето со пазарните и репутациските ризици, извештаите од работењето на органите на Банката, како и останатите прашања од надлежност на Надзорниот одбор.
Проф. д-рВанчо Чифлиганец, со своето знаење и искуство на долгогодишен стопанственик и професор по економска геологија и менаџмент е одамна познат на македонската јавност.
Со основањето на градежната компанија “Адора Инженеринг” станува еден од најголемите играчи на пазарот за недвижнини со реализација на големи станбени и други проекти ширум земјата.
Тој е познат на македонската јавност и како најголемиот акционер во Комерцијална банка со сопственост од речиси 15% од вкупно издадените акции од Банката. Тој има познавања и разбирање на воспоставеното корпоративно управување и улогата на Надзорниот одбор во Банката. Тој ја познава финансиската состојба и профилот на ризичност на Комерцијална банка.
Проф. д-рВанчо Чифлиганец објективно и независно ги извршува своите надлежности и врши независна и објективна оцена на решенијата кои се предлагаат од другите членови на Надзорниот одбор и самостојно ги анализира одлуките и предлозите на Управниот одбор.
Во моментов Надзорниот одбор на Комерцијална банка го сочинуваат:
Александра Максимовска Стојкова – Претседател и независен член;
Ванчо Чифлиганец – Заменик претседател и член;
Петар Теговски – Независен член;
Ивана Милковска Симева – Член;
Горан Антевски – Член;
Фатмир Етеми – Член.