Режимот на СДСМ започна со чистките и бруталната партизација на државата за која сметката ќе ја плаќаат граѓаните со свои пари, истакна на денешната прес-конференција Емилија Александрова од ВМРО-ДПМНЕ.
Во буџетот за нови привремени вработувања и други ставки со кои ќе се финансира партизацијата се предвидени повеќе од 100 милиони денари, потсети Александрова
„Со овие пари на граѓаните Заев ќе ги плаќа фактурите кон оние кои му помогнаа да дојде на власт преку насилство и на нелегален начин. Ветувањата на Заев дека ќе брка луѓе од работа и ќе вработува партиски кадри по методот „од чистачка до директор“ веќе започнуваат да се спроведуваат на дело. Без никаква законска основа се разрешуваат луѓе од своите работни позиции за кои имаат договори, а се вработуваат партиски послушници на Заев и СДС“, рече претставничката на ВМРО-ДПМНЕ.
Александрова потсети дека партизацијата ја најави и пратеникот на СДСМ, Курто Дудуш, споменувајќи ја видео снимката во којашто тој на граѓани им кажа дека членската книшка од СДСМ ќе им биде „втора лична карта“ и без неа не може да се надеваат ниту на вработување, ниту на каква и да е друга услуга која им следува како на граѓани.
„Покрај партиските, СДС и Заев во администрацијата ќе вдомат и шарени војници профитери на кои им се исплатеше насилството и ширењето омраза. Наместо со парите на граѓаните да се подига стандардот и квалитетот на услугите во државата, повеќе од сто милиони денари ќе бидат искористени за Заев да им се оддолжи и на овие профитери кои глумеа невладин коректив на власта, за да се дограбат до фотелји и позиции“, рече Александрова.
Во 2006 година Европската комисија во извештајот за Македонија, како што посочи, зазеа принципиелен став дека се неприфатливи колективните разрешувања без соодветна основа.
Оттаму Алескандрова во името на нејзната партија побара Европската унија да остане доследна и да го осуди грубото партизирање на државата кое е спротивно на сите европски стандарди и искуства. Оцени притоа дека со брутална партизација и чистки Македонија не може да се надева на напредок во евро-интеграциите.