Алексиоска Папестиев: Во последните три години повеќе луѓе умираат отколку што се раѓаат, а власта не презема ниедна политика да го намали овој тренд

На денешната трибина на ВМРО-ДПМНЕ на тема Политики за рестартирање на распаднатиот здравствен систем свое обраќање имаше д-р Ирена Алексиоска Папестиев која се осврна на негативните демографски карактеристики на државата, а упати и критики до власта која не презема ништо за спречување на ова, како што рече, умирање на Македонија.

„Целиот свој раст и образование го посветив токму на медицината и веруав дека работејќи во еден ваков хуман ресор ќе можам да помагам, да спасувам животи, да ги остварам оние методи и да ги применам во нашата клиничка пракса, меѓутоа за жал тоа беше моја желба, а денес моја и ваша реалност изминативе 6 години е сосема поинаква. Тажна непросперитетна средина. Македонија која изумира со едно колабирано здравство. Да, баш така, Македонија умира. Умира Струмица, умира Ново Село, умираат Босилово и Василево, умира охрид Гостивар и Тетово. Скопје само што не почнало да изумира, статистиките говорат дека последните три години повеќе луѓе умираат отколку што се раѓаат“, потенцираше Алексиоска Папестиев.

Додаде, исто така, дека во најголемото родилиште во Македонија пред 16 години имало по 20-25 раѓања дневно, а сега таа е сведена на 3 до 5, но и ова не е доволен аларм за власта да преземе некакви мерки.

„Оваа држава вложува во еден човек образовно, го едуцира и кога тој кадар ќе стане високо едуциран, работоспособен, одлучува да се иссели од државата. Тоа драги мои пријатели се вика бела чума. Работам во најголемото родилиште во државата и пред 16 години кога ја започнував кариерата имавме по 20-25 раѓања дневно, а денес имаме по 3-5, ако имаме 8 сме среќни. Пред некој ден колега реферираше само едно раѓање во текот на дежурството на утрински состанок. Зарем не е ова доволен аларм кој што треба да ги алармира и да допре до овие од власта? Меѓутоа јас такви меѓу нив не препознавам, а од друга страна и да ги разберете луѓето затоа што социо-економските прилики ги одбиваат од многудетно семејство. Јас како родител секој ден се прашувам дали моето дете има соодветно образование, дали расте во доволно безбедна средина, дали утре ќе му се пружа добра здравствена заштите, дали ќе му пружа животот фер шанса за успех. Ова не ме мачи само мене, туку мачи многу луѓе кои треба да се остварат во улогата на родител“, подвлече Алексиоска Папестиев и додаде:

„Овие негативни демографски карактеристики се посебно изразени во последните години. Не само што го сведочам јас тоа на работа, туку тоа го зборуваат и статистиките. Во 2016 сме имале 23 илади породувања, 2021 паѓаме на 18.640, а овие од власта не преземаа ниту една политика за намалување на овој тренд. Напротив, создадоа понесигурна средина како на образовна, така на безбедносна и на секоја прилика“.