Спомениците во центарот на Скопје добија табли со објаснување според Преспанскиот договор.
„Во чест на Александар Велики, историска фигура која припаѓа на античката Хеленска историја и цивилизација и на светското културно и историски наследство. Овде е претставен како воин на коњ“, ова се зборовите кои утрово осамнаа на споменикот на скопскиот плоштад кој за сите е Александар, но официјално е само „Воин на коњ“.
Таблите се поставени согласно Преспанскиот договор каде пишува дека земјава ќе го преиспита статусот со спомениците, јавните згради и инфраструктурата на нејзината територија и ќе преземе соодветни дејствија доколку истите упатуваат на античката елинска историја и цивилизација.
Таблите ги поставува градот Скопје од каде велат дека не одвојуваат посебни средства за таа намена.
„Трошоците за активностите кои ќе ги спроведе градот се планирани во средствата за програмата за нумерација и поставување на табли и истите се реализираат во рамките на постоечките договори, поточно истите не предизвикуваат дополнителни финансиски трошоци. Со оваа активност ќе се постават табли на 4 објекти од Скопје 2014 кои се во надлежност на Градот Скопје (Александар Велики, Олимпија, Филип Втори и Филип Втори во плоштадот во Автокоманда)“.
Од градот Скопје ги острануваа симболите и на сонцето од Вергина од уличните шахти, но прашање е колку таквиот потег е оправдан бидејќи симболот од Вергина останува врежан во камен и на спомениците, како и на фасадите на многу згради од проектот „Скопје 2014“, од кои дел се уште се градат и од страна на новите власти. Од владата претходно појаснија дека нема да има казни за истакнување на симболот од Вергина, а обврска да го тргнат имаат само државните и локални институции.
Спроведувањето на Преспанскиот договор во соседна Грција пак не оди така подмачкано, откако дел од градоначалниицте во грчката област Македонија се спротиставија и се уште не се сменети таблите на автопатите кои водат кон Северна Македонија, така нив се уште пишува Скопје и ФИРОМ, а да не зборуваме за големината со која се напишани. На некои места дури и нема патокази.