Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ смета дека Предлог-Буџетот на Град Скопје за 2016 година е буџет кој ќе одговори на барањата и потребите на граѓаните на Скопје, изјави Слободанка Алексовска, координатор на советничка група на ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје.
Интегрален текст од изјавата на Алексовска
Советот на Град Скопје на денешната седница ќе расправа и одлучува за Предлог-Буџетот на Град Скопје за 2016 година.
Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ смета дека Предлог-Буџетот на Град Скопје за 2016 година е буџет кој ќе одговори на барањата и потребите на граѓаните на Скопје.
СТАНУВА ЗБОР ЗА РАЗВОЕН БУЏЕТ, буџет со голем број на капитални проекти и инвестиции кои значително ќе го подобрат животот на жителите на град Скопје. Дека тоа е така, говори и фактот дека за капитални расходи се предвидени 3.190.380.000 денари или 46,3 проценти од вкупниот предлог-буџет на Град Скопје за 2016 година.
ВО НЕГО СЕ ОПФАТЕНИ ПРОЕКТИ ВО СИТЕ ОБЛАСТИ КОИ СЕ ВО НАДЛЕЖНОСТИТЕ НА ГРАД СКОПЈЕ. Со него се предвидени реконструкција и изградба на улици и булевари, изградба и реконструкција на велосипедски патеки, изградба и реконструкција на водоводната, атмосферската и фекалната мрежа, каде за реализација на овие проекти се предвидени околу 2,5 милијарди денари….
Средства се предвиднени и за образованието, преку поддршка на проекти за развој на образованието и реконструкција на објектите на средните училишта, ќе се реализираат и голем број на проекти и манифестации од областа на културата, ќе се реконструираат културните институции, ќе бидат поддржани голем број на спортски манифестации и турнири, проекти ќе се поддржат од областа на социјалната заштита, екологијата, поддршка е предвидена и за разните организации и здруженијата на граѓани…
БУЏЕТОТ Е ПРАВЕН ЗА ГРАЃАНИТЕ, ВО ЦЕЛОСНО ТРАНСПАРЕНТНА ПОСТАПКА – Станува збор за буџет кој е правен за потребите на Град Скопје и неговите жители, буџет кој треба да им излезе во пресрет. Овој буџет е правен во долга, транспарентна постапка, во чие правење се вклучија сите политички партии застапени во Советот на Град Скопје, како и сите 10 општини преку давање на предлози за проекти кои тие сметаат дека е неопходно да се реализираат. И граѓаните се вклучија во процесот на креирање на буџетот на Град Скопје, преку нивните најнепосредни претставници, претставниците од урбаните и месните заедници кои се вклучени во процесот на работа на Град Скопје и неговите јавни претпријатија и кои преку редовните контакти и средби ги наведуваат најприоритетните проекти кои треба да се реализираат во нивните населени места.
ВО ПРЕДЛОГ-БУЏЕТОТ НА ГРАД СКОПЈЕ ПРЕДВИДЕНИ СЕ ПРОЕКТИ КОИ ЌЕ СЕ РЕАЛИЗИРААТ ВО СИТЕ 10 ОПШТИНИ НА СКОПЈЕ. ТАКА:
Во ОПШТИНА САРАЈ во 2016 година ќе се реконструира главната улица Сарај, сообраќајници во Глумово;
Во ОПШТИНА ЃОРЧЕ ПЕТРОВ во 2016 година ќе се реализира втората фаза од проектот за реконструкција и проширување на булевар Партизански одреди до кружниот тек кај црквата “Свети Петар и Павле”; Проектот за продолжување и пробивање на тесните грла на улицата Борис Сарафов, како и проектот за реконструкција и одржување на дел од ул. Ѓорче Петров;
Во ОПШТИНА КАРПОШ во 2016 година ќе започне изградбата на новиот кружен тек на булевар 8 Септември, кај Хубо Маркет, а ќе започне и изградбата на фекална канализација на улица Московска, долж булеварот Партизански одреди.
Во ОПШТИНА ЦЕНТАР во 2016 година ќе биде реконструиран и проширен дел од улица Тодор Александров (поранешна Салвадор Аљенде), а ќе биде извршена и реконструкција на ул. Кеј Димитар Влахов како дел од плоштад „Пресвета Богородица“.
Во ОПШТИНА КИСЕЛА ВОДА во 2016 година ќе започне реализацијата на третата фаза од проектот за проширување и реконструкција на бул. Борис Трајковски, на потегот од фабриката „Стакларница“ кон населбата Драчево; Ќе започне продолжувањете на булевар Србија до улица Христо Татарчев, каде ќе се изгради голема кружна крстосница; а ќе бидат реконструирани улиците Павел Шатев, Есенинова и Народни Херои.
Во ОПШТИНА АЕРОДРОМ во 2016 година ќе се заврши втората фаза од проектот за проширување и реконструкција на бул. 3 Македонска бригада, на потегот од крстосницата со улицата Васко Карангелевски до улицата Никола Карев; a ќе започне и фазното реализирање на проектот за проширување на бул. АСНОМ (во делот до новата спортска сала Јане Сандански, како и кон куќите во Лисиче).
Во ОПШТИНА ГАЗИ БАБА во 2016 година ќе завршат проектите – прва фаза од проектот за реконструкција и проширување на улицата Маџари и изградба на нов кружен тек помеѓу улиците „16. Македонска бригада” и „Коце Металец“ на влезот во населбата Железара, а ќе започне и проектот за проширување на бул.Александар Македонски од Агросервис до клучка Дијамант.
Во ОПШТИНА ЧАИР во 2016 година ќе започне проектот за реконструкција и проширување на бул. Христијан Тодоровски Карпош во делот на Чаир, проектот за изградба на 4-та лента на булеварот “Никола Карев” (Пластичарска), како и изградбата на нова атмосферска канализација на ул. “Џон Кенеди” и “Ќемал Ататурк”.
Во ОПШТИНА БУТЕЛ во 2016 година ќе започне проектот за пробивање на бул. Христијан Тодоровски Карпош и поврзување со заобиколницата, ќе заврши проектот за изградба на атмосферска канализација на улиците Александар Урдаревски и Боца Иванова.
Во ОПШТИНА ШУТО ОРИЗАРИ во 2016 година главен проект е завршувањето на капиталниот проект за водоснабдување на Шуто Оризари, со што ќе се реши проблемот на повеќе од 30.000 жители.