Алфа ексклузивно: Како СДСМ ја плете мрежата на згрижување на подобните кадри?

Оние први борбени линии, кои ја донесоа победата за изборите ќе бидат врвен приоритет, тоа се 10-15 членови. Нашите 10-15 тркачи, ќе бидат првите приоритети за вработување. Ова се дел од пораките што им ги кажал претседателот на ОО на СДСМ на Кисела Вода, Бранко Георгиевски на присутните, на 1 февруари оваа година, за време на првата конститутивна седница на Извршниот одбор – околу три месеци пред да се случат вработувањата на луѓето, за кои Алфа вчера објави, на основа на документи до кои дојде и тоа токму од разочарани членови на СДСМ.

Станува збор за партиско вдомување на работни позиции во самата општина, училиштата, градинките на територија на општината, но и во јавните претпријатија Комунална Хигиена и Македонски шуми.

На споменатата седница е присутен и градоначалникот Филип Темелковски. Тој зборува за листи за вработување доставени до централата, за тоа дека кадарот со средно образование има приоритет, но и дека на коалиционите партнери нема им се нудат повеќе од две места.

Дел од луѓето што ги предложивме во централата добија место. Тие што не добија место ги пуштивме како предлози за Управни и надзорни органи во јавните претпријатија. Во општината ми требаат високо-образовани кадри – искусни правници и архитекти. Како кадри ги немаме во Општинската организација. Нашите приоритетни листи се со кадри со завршено средно образование во 90 проценти од листата. Истото е со кадрите од коалиционите партнери на кои не им нудиме повеќе од две места, зборувал Темелковски, градоначалник на Општина Кисела Вода, на 01.02.2018.

Алфа писмено побара изјава во камера од Темелковски: Дали е свесен дека го крши законот? Зошто ги изневери очекувањата и ветувањата на граѓаните, дека заврши режимското вработување на подобни партиски кадри? Се одлучија за писмен одговор:

Општина Кисела Вода работи независно од политичките партии и убедувања, како на вработените така и на граѓаните кои секојдневно добиваат услуги од нашата локална самоуправа. Нас како Општина не не засега кој на која политичка партија припаѓа, кај нас работат и се наоѓаат на раководни места лица кои имаат различни политички убедувања, велат од Кисела Вода.

Додаваат дека во време на Темелковски биле унапредени лица кои од претходно биле вработени, но и дека секое вработување било целосно законско. Во иднина, „за политичките прашања ни рекоа одговори да бараме од политичките партии“. А истото, во телефонски разговор, ни го порача и Георгиевски. Понервозен отколку преписката со Темелковски.

-Од каде ви се овие документи?

-Го користам правото како новинар да не ви откријам, тоа се мои извори.

-Имајте си вие извори но документите не ви се вистински, тие се фабрикувани. Вистински документи, партиски, ние не можеме на Алфа да и ги докажуваме.

На истата седница од 1 февруари, настанала тензична расправа за тоа што на еден список за вработување се нашле двајца членови со исто презиме. Сега, од нив, едната е и член на совет на Град Скопје и на Управниот одбор на здравствената станица Железара, а другата, е член на Надзорен одбор во библиотеката „Браќа Миладиновци“.

А дека партиските вработувања се вистински вчера потврди и лице кое се наоѓа на списоците што ги има Алфа и чие работно место во локалната самоуправа.

Тука сум во комунална инспекција, задоволен сум, само платата не е висока, вели вработен, член на СДСМ.

На прашањата пак до Комунална Хигиена, препријатието одлучи да нема официјален став за партиските вработувања.