Алијанса за Албанците оценува дека указот на претседателот Стево Пендаровски за упатувањето на Љубомир Фрчкоски во Мисијата на Македонија во ОН во Њујорк е невиден дипломатски скандал и навреда за повеќето граѓани, од повеќе причини.
„Првата се однесува на политичкиот ангажман и длабоко антиалбанскиот пристап на Фрчкоски. Како идеолог на СДСМ и поранешен министер за полиција ги користеше истите методи на прислушување како Груевски и беше сценарист на масакрот на Бит Пазар, аферата со оружје и многу други епизоди на газење на Албанците, за кои никогаш не е одговорено.
Второ, како неуспешен политичар, Фрчкоски е познат и како албонофоб и обичен фашист. За време на војната во 2001 година, тој ги шири геноцидните тези на Милошевиќ, повикувајќи на протерување на Албанците преку Јадранот. Последниве години тој јавно ги опишува Албанците како ‘племиња‘, додека декларацијата на албанските политички партии во 2017 година ја цитираше, цитирам, простете ми за изразот, како ‘гомна платформа‘.
А третото, можеби најсериозното на дипломатско поле, е поврзано со тоа што Фрчкоски е персона нон грата, или непожелен во САД, односно во државата каде што е декретиран, која е наш најважен сојузник. Откако администрацијата на Бајден го отфрли неговото име како амбасадор на Северна Македонија во САД, Фрчкоски отиде дотаму што го обвини амбасадорот и поранешен помошник државен секретар Филип Рикер дека го спречил да биде именуван за амбасадор во Вашингтон од негови лични причини.
Значи, САД му ја затворија вратата на Љубомир Фрчкоски, а Стево Пендаровски и Бујар Османи се обидуваат да го вметнат преку прозорец“, изјави Арбен Таравари.
Како дополнителни причини зошто не треба да оди во Њујорк тој вели дека Фрчкоски е озлогласен и антизападен поединец.
„Затоа го повикуваме претседателот да го повлече указот на Фрчкоски и да не нанесува толку сериозна штета на интересите на државата и нејзините граѓани. Ако по секоја цена сакаат да го направат Фрчкоски амбасадор, единственото место каде што овој поединец би бил прифатлив е Путиновата Москва, но во никој случај престолнините на нашите западни сојузници.
Со министерот за надворешни работи од ДУИ, Бујар Османи, ниту вреди да се занимаваме. Неговите последователни деманти за овој случај, но и инсистирањето зад сцена Фрчкоски да биде амбасадор во САД, покажуваат дека тој е само заложник, а од кого, тој самиот знае подобро“, додаде Tаравари.