Алијанса за Албанците и Алтернатива ја прозваa владата за корупција: На „Пуцко петрол“ му дадовте тендер зошто истури милиони евра за изборите!

Aко требаше да се направи акционен план за борба против корупција, тогаш клучните луѓе во Вашата влада ќе мора прво да одат во затвор, а потоа да се очекува да стапи на сила некој евентуален антикорупциски план. Во спротивно, сè додека сте Вие на Власт, ние ќе продолжиме да бидеме балкански шампион во корупција, реагира Коалицијата на Алијанса за Албанците и Алтернатива, откако вчера владата го претстави Акциониот план за борба против корупцијата и ги покани граѓаните и медиумите да покажат и да зборуваат гласно и јавно за корупцијата

„Бидејќи е така, тогаш ние јавно ви одговараме на вашиот повик и отворено зборуваме: Господине премиер, Владата предводена од вас и Али Ахмети ја направија Северна Македонија најкоруптивна држава на Балканот и вие мора да преземете одговорност за ова. Господине премиер, оваа Влада предводена од Вас и Али Ахмети, на компанијата „Пуцко петрол“ на пратеникот од ДУИ му дадоа тендер за набавка на нафтени деривати веднаш по изборите на 15 јули, затоа што Исмаил Јахоски истури милиони евра за да купи гласови за ДУИ. Господине Премиер, токму владата што ја водите Вие и Али Ахмети ќе им „прости“ милиони евра пари на граѓаните, на олигарси со купување акции од „Макпетрол“. Господине Премиер, Вашата Влада и Вашите луѓе направија коруптивни скандали во случајот „Рекет“ и многу малку од нив одговорија пред судството. Господине Премиер, Вашата Влада и Вашите луѓе прават масовна корупција со давање дозвола за отворање на казина во државата“, се наведува во партиското соопштение.