Алијанса за Албанците презентираше за што ќе се залага во Владата

Алијанса за Албанците на јавноста и ја презентира  Декларацијата за владините определби, договорена меѓу претседателот, Арбен Таравари и премиерот, Димитар Ковачевски, која премиерот ќе ја потврди пред народните избраници и граѓаните.

Тргнувајќи од највисоките интереси на сите граѓани на Република Северна Македонија за економски напредна, слободна, демократска држава, на еднакви граѓани и интегрирана внатрешно и во светот, со оваа изјава ги дефинираме нашите основни принципи и конкретни заложби за коалициска соработка.

На ниво на принципи:

  • Се обврзуваме да работиме заедно, солидарно и одговорно за подобрување на животниот стандард на сите граѓани и за реализација на Владината програма.
  • Се обврзуваме на заедничка работа и максимална посветеност за остварување на стратешката државна цел: полноправно членство во Европската Унија.
  • Посветени сме на поддршка на стратешкото партнерство со САД и унапредување на добрососедските односи.
  • Посветени сме на взаемна поддршка, на централно и локално ниво, со цел зголемување на ефикасноста во работата на Собранието и институциите за спроведување на мерките и политиките на Владата за подобрување на животниот стандард на граѓаните, зајакнување на економијата, како и во носењето одлуки за реформи за европскиот пат.
  • Се обврзуваме за кадровски зајакнувања, со взаемна согласност врз паритетна основа согласно освоените мандати во Собранието на последните парламентарни избори, имајќи го предвид етничкиот баланс во Владата.
  • Посветени сме и на заедничко дејствување и борба против радикалните елементи во општеството кои ги загрозуваат меѓучовечките, меѓународните односи и европската интеграција.
  • Се обврзуваме на слободни и демократски избори и на спроведување, во согласност со препораките на ОБСЕ/ОДИХР и Европската комисија, на сеопфатна реформа на изборното законодавство пред следните избори, вклучително и ажурирање на избирачкиот список.

За имплементација на овие принципи, Алијанса за Албанците дефинираше пет приоритети за кои ќе се залага до крајот на владејачкиот мандат.

  1. Владеење на правото и борбата против корупцијата

Ќе промовираме почитување и точно спроведување на основните европски вредности како што се еднаквоста и почитувањето на човековите права, транспарентноста, слободата на медиумите, борбата против организираниот криминал и корупцијата, како и владеењето на правото. Нашите главни приоритети се градење независно, ефективно и правично судство, искоренување на корупцијата, деполитизирана и меритократска администрација, како и поддршка на граѓаните да бидат вклучени во јавниот живот преку универзален пристап до информации.

Нашите залагање се:

  • Закон за ветинг, базиран на најдобрите европски искуства
  • Закон за Канцеларија за враќање на имот.
  • Унапредување на статусот на Академијата за судии и јавни обвинители.
  • Новиот закон за внатрешна јавна финансиска контрола.
  • Целосна имплементација на стратегијата за реформи во правосудството и подготовка на новата стратегија за реформи во правосудството 2023-2027 година.
  • Зголемување на инвестициите во буџетот за 2024 година за институциите надлежни за борба против корупцијата.
  • Промовирање на конфискација на криминални стекнати средства како стратешки приоритет во борбата против организираниот криминал и корупцијата на сите нивоа.
  • Целосно функционирање на автоматизираниот систем за управување со информации за судски предмети.
  • Создавање и функсионирање на Мрежата за координација против измами и подобрување на спречувањето, управувањето и пријавувањето на неправилностите кои ги засегаат фондовите на ЕУ.
  1. Држава за сите

Посветени сме на негување и поттикнување добри меѓуетнички односи, за општество на еднакви граѓани. Ќе промовираме држава за сите, правична и соодветна застапеност во сите области од јавниот живот, елиминација на сите форми на дискриминација, и културен напредок на сите заедници.

Се залагаме за:

  • Закон за правилна и соодветна застапеност со кој ќе се утврдат посебните, процедуралните и институционалните мерки за постигнување пропорционално вработување и елиминирање на структурната дискриминација на сите нивоа и во сите други области од јавниот живот во Република Северна Македонија, како за заедниците, така и за родова застапеност и лица со посебни потреби.
  • Менување и дополнување на членови (меѓу другите, 3.3 и 19.3) од законот за вработените во јавниот сектор.
  • Разгледување на правилата во законот за внатрешни работи кои дозволуваат исклучување на правилата од законот за вработените во јавниот сектор.
  1. Рамноправен економски и територијален развој  

Посветени сме на неопходните реформи во транзицијата на економијата и финансиите, како и за подобрување на севкупните економски развојни перформанси и намалување на нееднаквостите. Фискалната децентрализација и правичната распределба на јавните приходи, намалувањето на јазот меѓу регионите, поддршката на локалните претпријатија и иновациите, зголемувањето на странските инвестиции и зголемувањето на ефикасноста на јавните претпријатија се нашите заеднички приоритети.

Конкретните мерки на кои се залагаме се:

  • Изработка на нова рамка за финансирање на општините.
  • Трансформација на Бироата за еднаков регионален развој во Агенции, како и зголемување на буџетот за 2024 година на средствата за политиката за регионален развој.
  • Забрзување на реформите во областа на управувањето со јавните финансии, животната средина, транспортот, енергијата, дигиталното поврзување и пазарот на труд кои имаат високо влијание врз политиката за регионален развој.
  • Подобрување на таргетирањето на финансиската поддршка за ранливите семејства и компании.
  • Измена на Законот за технолошко-индустриски развојни зони.
  1. Развојна држава и зелена енергија

Ќе промовираме унапредување на развојната држава, заснована на заштита на животната средина, во одржливото земјоделство и енергетската транзиција.

Се залагаме за:

  • Одобрување и спроведување на законот за енергетска ефикасност.
  • Создавање на фонд за енергетска ефикасност.
  1. Здрава популација

Ќе подготвиме сеопфатни државни стратегии за здравствениот систем, со цел зголемување на ефикасноста и подобрување на здравствената и медицинската услуга.

Нашите примарни мерки се:

  • Зголемување на платите на медицинскиот персонал.
  • Промена и проширување на позитивната листа на лекови.
  • Промена на организацијата на примарниот, секундарниот и терцијарниот здравствен систем, со цел зголемување на ефикасноста и намалување на трошоците.