
Македонската фудбалска репрезентација се врати од Ереван по триумфот над Ерменија од 5-0 и вечерва во Скопје го одржува првиот од двата тренинзи пред неделниот натпревар против Исланд. Вчерашниот триумф во Ереван во комбинација со ремито без голови во Букурешт меѓу Романија и Исланд, ја искачи македонската репрезентација на второто место во групата Ј и со победа в недела „црвено – жолтите“ ќе изборат историски бараж за пласман на Мундијалот 2022.
– Во животот нема ништо случајно. Овој резултат е плод на нашата работа. Се гледа квалитетот на екипата, на фудбалерите кои играа и на младинско и на сениорско Европско првенство. Јас сум оптимист. Тоа што го покажавме против Ерменија да го направиме и против Исланд. Сакаме повторно да испишеме историја, изјави попладнево репрезентативецот Езѓан Алиоски.