Алиоски во составот на саудиски Ал Ахли

Македонскиот фудбалски интернационалев Езџан Алиоски помалку од еден месец беше слободен играч по истекот на договорот со Лидс Јунајтед, за од неделата и официјално да ја продолжи својата кариера во Ал Ахли од Саудиска Арабија.

Челниците на Ал Ахли ги исполнија финансиските барања на Алиоски,кои беа недостижни за турските гиганти Галатасарај, Фенербахче и Трабзонспор.

Веќе е постигнат целосен договор, Алиоски ќе ги мине наредните две години во дресот на Ал Ахли, а за возврат во овој период ќе добие вкупно 5,4 милиони евра. За потсетување, ниту еден од заинтересираните турски клубови не понуди повеќе од четири милиони евра за двогодишна соработка, згора на тоа преговорите траеја премногу долго и компликувано. За разлика од Турците, арапските газди на Ал Ахли експресно ги прифатија сите детали од договорот што го бараше Алиоски, кој по задолжителните лекарски прегледи и официјално ќе биде промовиран во новиот клуб.

Покрај платата, се очекува Алиоски да заработи и најмалку милион евра при самиот потпис на договорот, во кој ќе има и клаузули за дополнителни бонуси во зависност од освоените трофеи со новиот клуб.