Алипашината џамија во Охрид ќе биде свечено отворена во четврток, според најавите од Исламската верска заедница (ИВЗ, а истовремено градбата на црквата-музеј на скопското Кале веќе неколку години е сопрена, и сето тоа во настојувањата на актуелната власт на Зоран Заев да си обезбеди што поголема поддршка кај гласачите од албанската и муслиманската заедница.
Џамијата во Охрид датира од XV/XVI век, речиси десет века подоцна од најраните христијански верски објекти во ова подрачје и се наоѓа во старата чаршија на градот, но никогаш не била доживувана како знаменитост на оваа значајна туристичка дестинација воопшто во регионот. Реконструкцијата на Алипашината џамија ја разбранува целата македонска јавност и беше проследена со серија обвинувања дека се гради надвор од проектот за реставрација. Притоа најгласно беше здружението на граѓани „Совест“ од каде алармираа дека наместо да се заштити како споменик на културата, овој верски објект противзаконски и без соодветна дозвола и документација се доградува врз веќе постојниот верски објект, со минаре и придружни објекти во дворот.
Огромен број охриѓани во повеќе наврати потенцираа дека надлежните не преземаат никакви мерки и обвинија дека политиката е замешана во изградбата на џамијата. Иако имаше одлуки за стопирање на изградбата, сепак реконструкцијата која започна пред три години продолжи, а на 28-ми ноември свечено ќе биде отворена Алипашината џамија.
Наспроти тоа, конструкцијата за градбата на музејот-црква на Кале во Скопје е препуштена на забот на времето и запрени се сите активности уште од безредијата кои ги предизвикаа и деновиве актуелните хулигани од навивачката група „Шверцери“ уште во 2011 година. Станува збор, инаку, за објект кој немаше сакрална намена, туку требаше да биде музеј подигнат врз темели на древна црква откриени во текот на археолошките истражувања на овој репрезентативен локалитет во центарот на Скопје. Меѓутоа, очигледно таа нема никваква вредност за владејачката СДСМ, во контекстот како оваа партија го разбира националниот и културошки интерес.
Тогаш група политички инструирани лица во текот на вечерта демолираа дел од објектот музеј-црква, многу јасно испраќајќи ја својата порака. Тогаш претседателот на таканаречената организација на граѓани „Разбуди се“, која беше организатор на наводниот протест кој се изроди во меѓуетнички конфликт – Артан Груби, рече дека изградбата на црквата е политички мотивиран процес. За чудо, или сепак не, Груби се јавува и како еден од главните организаторите на прославата на фудбалски клуб, чии фанови го демолираа МНТ. Но од друга страна, неговите политички истомисленици го бранеа случајот и со Алипашината џамија, проект што доби уредна дозвола за конзервација и реставрација, но не и за градење.
Меѓу нив, секако е и премиерот Заев кој во предизборниот период пролетва само ветуваше дека минарето нема да се гради и самиот кажа дека изградбата на објектот не е согласно законите, а на инвеститорот му недостасува градежна дозвола. Но откако со поддршка на гласовите на албанските коалициони партнери успеа да добие свој градоначалник на Охрид, минарето сега нема да биде само реконструиран споменик на културата од еден историски период, туку треба да биде доживуван како супериорност на една етно-религиозна заедница над друга.
Ваквите двојни аршини од Заев и СДСМ воопшто не зачудуваат кога ќе се има предвид големиот пад на довербата меѓу македонскиот дел од гласачкото тело. И не само поради договорите со соседите, кои огромен дела од македонските граѓани ги доживуваат како национално предавство, туку и поради големиот број скандали и опаднатниот животен стандард. Поради тоа, на социјалдемократите ќе им биде неопходно премостување до албанските гласачи, и поради тоа во прв ред е пуштањето на „пробниот балон“ за инсистирањето на промена на изборниот законик и претворањето на земјата во една изборна единици. Дополнително, ваквото премостување ќе треба да биде направено со албанските партии, односно преку влијателни личности кај нивното членство, на пример, како Артан Груби во ДУИ, на пример.