„Алкалоид“ пушти во употреба современ магацински простор за готови производи. Вкупната вредност на инвестицијата која се реализираше за само девет месеци, изнесува 1,2 милиони евра, соопштиија од фармацевтската компанија.
Магацинскиот простор е изведен на вкупна површина од 1.600 м2 и висина од 13 м, со 3.114 палетни места за високо-регално складирање на козметички производи и медицински помагала.
Магацините се опремени со сталажен систем со висина од 12,5 м, а за манипулација со палетите со готови производи набавени се два високорегални компјутеризирани вилушкари со висина на подигање на товарот до 10,50 м и стандардна магацинска опрема (рачни електрично-водени вилушкари, рачни палетни вилушкари и товарна хидраулична рампа).
Магацинскиот простор е изведен во согласност со најновите стандарди за ваков тип објекти со проверени сеизмички карактеристики и инсталиран софистициран систем за против-пожарна заштита, со цел да се обезбеди максимална безбедност за вработените, објектот и материјалите во него. Управувањето со материјалите се одвива преку САП софтверски систем.
Поголем дел од средствата за оваа инвестиција, се обезбедени од сопствени извори на компанијата, а дел се од WeBSEFF кредитната линија на ЕБОР (Европската Банка за обнова и развој) наменети за проекти со енергетска ефикасност кај кои се користат обновливи извори на енергија.
Во реализацијата на овој проект, водевме особено грижа за намалување на нивото на емисија на штетни гасови, заштеда на електричната енергија, инсталирање на топлинска пумпа која обезбедува енергија за климатизација на просторот, користејќи ги подземните води како ресурс , инсталирaње на штедливи светилки и ЕКО фасадни панели за термичка изолација.
Реализацијата на овој проект се одвиваше во согласност со заложбите на Алкалоид за општествена одговорност, грижа за заштитата на животната средина, безбедноста на вработените и за материјалните добра, при што сите стандарди и прописи во изведбата и функционирањето беа доследно почитувани.