Според единечниот биланс на успех, во периодот јануари-март 2020 година, продажбите достигнуваат 2.509.772.821 денари, што е за 19% повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Вкупните консолидирани продажби, пак, достигнуваат 3.367.918.093 денари, што е за 19% повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Повисокиот раст на продажбите во првиот квартал од 2020 година делумно се должи на подигнувањето на безбедносното ниво на залихи на лекови кај голем број наши клиенти и тоа, пред сѐ, на извозните пазари, што беше особено значајно за нив во отежнатите услови за транспорт на стоки.
Продажби според региони
Консолидираните продажби остварени на домашен пазар се зголемени за 5%, додека вкупниот консолидиран извоз на компанијата е зголемен за 25%. Од вкупните консолидирани продажби, 28% се остварени на домашен пазар, додека 72% се остварени на странските пазари. Гледано според региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 36%, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 23%, во Русија и во другите земји од ЗНД се остварени 11%, а на другите пазари се остварени 2% од вкупните консолидирани продажби.
Најзабележителен раст е остварен во земјите од Југоисточна Европа, со продажби од над 1,2 милијарди денари и со раст од 36%, споредено со истиот период од минатата година. Русија и другите земји во ЗНД бележат раст од 23%, потоа во САД има раст од 39%, во земјите од Западна Европа раст од 12% итн.
Продажби според групи производи
Гледано според групи производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби најголемо учество заземаат производите од сегментот фармација, и тоа 88%. Од нив поголем удел имаат препаратите ОТЦ со 22%, антибиотиците со 21%, кардиолошките препарати со 13%, невролошките препарати заземаат 12% од вкупните консолидирани продажби итн. Сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со 12% во вкупните консолидирани продажби, поточно хемијата учествува со 2%, козметиката со 7%, а билкарството учествува со 3%.
Резултати од работењето
Единечната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА), која изнесува 460.989.420 денари, бележи зголемување од околу 9%, додека единечната нето-добивка изнесува 256.095.234 денари и е зголемена за 3%.
Консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА) достигна 541.246.199 денари и бележи раст од 10%, додека консолидираната нето-добивка во износ од 314.485.791 денари е зголемена за 7%.
Инвестиции
Вкупните инвестиции во основни средства, во периодот јануари-март 2020 година, изнесуваат 275.561.903 денари, што е за 42% повеќе во однос на првиот квартал од 2019 година.
Реализацијата на инвестициските активности, вредни над 12 милиони евра, наменети за проширување на производните капацитети, како и за подобрување на енергетската ефикасност и за намалување на штетните емисии во воздухот, кои започнаа во 2019 година, се одвива во согласност со планираното. Комплетирањето на овие инвестиции е предвидено во текот на 2020 година.
Вработени
Во периодот јануари-март 2020 година во „Алкалоид“ се реализирани 56 нови вработувања во Р.С.Македонија. Со тоа, на крајот на март 2020 година во АЛКАЛОИД АД Скопје работат 1.684 вработени, додека во друштвата и во претставништвата во земјата и во странство има вкупно 574 вработени или вкупно 2.258 вработени во групацијата.
Со одлука на Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје, во март 2020 година е одобрен и исплатен регрес за користење годишен одмор за вработените во компанијата, во висина од 29.687 денари бруто, односно 26.718 денари нето.
Податоци за акциите
Акциите на АЛКАЛОИД АД Скопје котираат на официјалниот пазар на „Македонска берза за хартии од вредност“ од 2002 година и важат за едни од најтргуваните и најликвидните акции на берзата. Цената на акцијата во периодот јануари-март 2020 година се движеше од 8.354,00 денари до 13.400,00 денари или просечно 12.114,03 денари за една акција, што претставува раст од 45% во споредба со просечната цена во истиот период од 2019 година. Пазарната капитализација на компанијата на 31.3.2020 изнесуваше 13,9 милијарди денари.
Очекувања за претстојниот период
Во претстојниот период се очекува во текот на вториот и на третиот квартал да дојде до одредено балансирање на нивото на залихите кај купувачите, како и до намалување на порастот на приходите од продажби во однос на почетниот квартал. Одржувањето на тековната ликвидност, секако, останува потенцијален предизвик и добива врвен приоритет. Гледано глобално, постепеното олеснување на мерките, рестартирањето на производните капацитети во разни индустрии, воспоставувањето нови правила и процедури за функционирање во овие сложени услови влеваат надеж дека, иако во многу поотежнати околности, условите за работење полека ќе се подобруваат.
Бизнис-план за 2020 година
Бизнис-планот за 2020 година, донесен со одлука на Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје, на Седницата одржана на 27.12.2019 година, предвидува инвестирање на околу 14% од консолидираните приходи од продажбите во материјални и во нематеријални средства од сопствени извори, раст од најмалку 7% на консолидираните продажби во однос на 2019 година, како и раст од најмалку 7% на консолидираниот профит пред оданочување во однос на 2019 година.
Во согласност со досегашните резултати, земајќи ги предвид очекувањата за претстојниот период, менаџментот на компанијата проценува планираните продажби и планираниот профит за 2020 година да се движат во рамките на веќе зацртаните плански цели.