АЛКАЛОИД со консолидирани продажби од 231,9 милиони евра, раст на консолидираниот извоз од над 16 %, инвестиции од 23,9 милиони евра и со 187 нови вработувања во земјава во периодот јануари – декември 2022 г.
Приходи од продажби
Според единечниот биланс на успех, во периодот јануари – декември 2022 година продажбите достигнуваат 10.538.230.192 денари, што е за 10 % повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Вкупните консолидирани продажби, пак, достигнуваат 14.289.050.974 денари, што е за 12 % повеќе во споредба со истиот период од минатата година.
Продажби според региони
Консолидираните продажби остварени на домашниот пазар се зголемени за 3 %, а вкупниот консолидиран извоз на компанијата е зголемен за 16 %. Од вкупните консолидирани продажби 32 % се остварени на домашниот пазар, додека, пак, 68 % се остварени на странските пазари. Гледано според региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 30 %, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 21 %, во земјите од Источна Европа (ЗНД, УКР, …) се остварени 16 %, а на другите пазари е остварен 1 % од вкупните консолидирани продажби.
Најголем пораст кај извозните пазари бележат продажбите остварени во Полска каде продажбите се дуплирани, потоа во Романија (раст од 81 %), САД (раст од 51 %), Грција (раст од 43 %), Грузија (раст од 35 %), Бугарија (раст од 25 %), Ерменија (раст од 21 %), Косово (раст од 11 %), Црна Гора (раст од 8 %), Хрватска (раст од 7 %), Германија (раст од 7 %) итн. Во 2022 година во сегментот фармација се реализираа и првите поголеми продажби во Португалија, во износ од 18,7 милиони денари и во Монголија, во износ од 12,8 милиони денари.
Продажби според групи производи
Гледано според групи производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби најголемо учество заземаат производите од сегментот фармација, и тоа 88 %. Од нив поголем удел имаат антибиотиците со удел од 23 %, препаратите ОТЦ со 18 %, кардиолошките препарати со 13 %, невролошките препарати заземаат 13 % од вкупните консолидирани продажби итн. Сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со 12 % во вкупните консолидирани продажби, поточно хемија учествува со 3 %, козметика со 7 %, а билкарство учествува со 2 %. Вкупните продажби бележат пораст кај сите профитни центри во споредба со остварените во истиот период од 2021 година. Сегментот фармација бележи раст од 12%, хемија од 10%, козметика од 5% и билкарство од 20%.
Инвестиции
Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари – декември 2022 година изнесуваат 1.474.213.445 денари.
Резултати од работењето
Единечната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА), која изнесува 2.381.036.341 денари, бележи зголемување од околу 9 %, додека, пак, единечната нето-добивка изнесува 1.411.542.911 денари и е зголемена за 10 %.
Консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА) достигна 2.537.701.372 денари и бележи раст од 10 %, додека, пак, консолидираната нето-добивка во износ од 1.463.420.874 денари е зголемена за 12 %.
При извршувањето на оперативните активности АЛКАЛОИД АД Скопје ангажираше над 1.000 домашни добавувачи.
Вработени
Во периодот јануари-декември 2022 година во АЛКАЛОИД АД Скопје се реализирани 187 нови вработувања во РС Македонија. Со одлука на Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје, во март 2022 година е одобрен и исплатен регрес за користење годишен одмор за вработените во компанијата во висина од нето износ од 30.000 денари. Во декември 2022 Управниот одбор по повод новогодишните и божиќни празници, одобри исплата на новогодишен надоместок за вработените во нето износ од 31.000 денари. Групацијата АЛКАЛОИД брои 2.617 вработени, од кои 2.019 се во земјата, а 598 се вработени во подружниците во странство.
Податоци за акциите
Акциите на АЛКАЛОИД АД Скопје котираат на официјалниот пазар на Македонска берза за хартии од вредност од 2002 година и важат за едни од најтргуваните и најликвидните акции на берзата. Цената на акцијата во периодот јануари – декември 2022 година се движеше од 15.556,00 денари до 19.400,00 денари, или просечно 17.475,80 денари за една акција, што претставува раст од 10,6 % во споредба со просечната цена во истиот период од 2021 година. На 31.12.2022 година акциите на АЛКАЛОИД АД Скопје беа во сопственост на 5.332 акционери, физички и правни лица, a пазарната капитализација на компанијата изнесуваше над 24,5 милијарди денари.
Бизнис-план за 2023 година
Бизнис-планот за 2023 година, донесен со одлука на Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје, на Седницата одржана на 29.12.2022 година, предвидува инвестирање на околу 11% од консолидираните приходи од продажбите во материјални и во нематеријални средства, раст од 10% на консолидираните продажби во однос на 2022 година, како и раст од 7% на консолидираниот профит пред оданочување во однос на 2022 година.
Бизнис-планот за 2023 година е базиран на очекувањата, проекциите и на можностите на тековните и на новите пазари и производи, достапни за компанијата во моментот на изготвување на планот. Околностите и настаните во 2023 година, а со тоа и остварените резултати, може да варираат во однос на прикажаните во бизнис-планот.
Очекувања за претстојниот период
Во изминатиот период друштвото се соочи со голем број интерни и екстерни предизвици и новонастанати ризици, генерирани од пандемијата на КОВИД-19 како и од енергетската и економската криза. Презедовме голем број мерки во досегашниот период, со цел неутрализирање на сите негативни ефекти, без притоа да се загрози здравјето на вработените и успешното работење на друштвото.
Во согласност со очекувањата, уште во текот на минатата година здравствената криза се претвори и во економска, а со тоа се појавија и нови предизвици во работењето. Она што како тренд започна во 2021 година и доминираше и во 2022 година е забележителниот раст на цените на голем дел од влезните суровини и материјали, енергенсите, како и порастот на цените на транспортот на глобално ниво, а особено и значителните пролонгирања на роковите за испорака. Сето ова влијае и на стапката на инфлацијата што веројатно како тренд ќе биде уште понагласен во периодот што следи.
Како најголем предизвик и прв приоритет за периодот што доаѓа и понатаму останува грижата за здравјето на вработените, како и одржувањето на тековната ликвидност, на финансиската стабилност и остварување на планските цели.