Истражувачкиот тим на „Алкалоид“ во директна соработка со престижниот „Макс Планк Институт“ од Штутгарт и Институтот за хемија при ПМФ Скопје, за прв пат во светски рамки ја реши кристалната структура на соединението кодеин фосфат сесквихидрат, супстанца која зазема значајно место во фармацевтската индустрија и се употребува повеќе од половина век.
Познавањето на кристалната структура на секое фармацевтски-активно соединение е од исклучителна важност за детално дефинирање на неговите физичко-хемиски својства.
Добиените резултати од ова значајно откритие се објавени во едно од трите најреномирани научни списанија во областа на хемијата на светско ниво – „Chemical Communications“. Резултатите се публикувани во вид на оригинален научен труд под наслов “On the hydrates of codeine phosphate: The remarkable influence of hydrogen bonding on the crystal size“. Главниот експеримент беше изведен во Институтот Макс Планк во Штутгарт, од страна на м-р Томче Рунчевски, научен соработник на „Алкалоид“.
Овој исклучително значаен научен предизвик, чии резултати се плод на тригодишна континуирана систематска студија, претставува огромен успех за „Алкалоид“ како македонска компанија, но и за целокупната домашна и светска научна јавност. Компанијата и во иднина ќе продолжи да ги поддржува проектите од овој тип, кои придонесуваат за дополнителна афирмација на Република Македонија во светот.
Пред неполна година, истражувачкиот тим на „Алкалоид“, по иницијатива на Ѓорѓи Петрушевски, за прв пат пред научната јавност ја презентираше кристалната структура на соединението фолкодин монохидрат, во соработка со две научно-истражувачки лаборатории.