Шпанецот Карлос Алкараз втора година по ред го освои најскапоцениот трофеј во светот на тенисот, а во репризата на минатогодишното финале на Вимблдон го победи Србинот Новак Ѓоковиќ со 6-2, 6-2, 7-6 (4) во два часа и 27 минути со доминантна изведба.
За 21-годишниот Шпанец ова беше четврто Грен слем финале во кое ја постигна четвртата победа и му се придружи на Роџер Федерер како единствен во Опен ерата кој освои трофеи во своите први четири финалиња на четирите најголеми тениски турнири. Првиот пораз легендарниот Швајцарец го доживеа дури во осмото свое финале.
За 37-годишниот играч со најмногу трофеи на сите времиња ова беше 37. финале на Грен-слем турнирите во кое го претрпе 13. пораз и остана на 24 трофеи, од кои седум освои на Вимблдон. Така, Ѓоковиќ сè уште го дели рекордот по број на Грен-слем трофеи со Австралијката Маргарет Корт.
Отворањето на дуелот беше во согласност со очекувањата. Првиот гем траеше дури 14 минути, Ѓоковиќ одбрани четири „брејк“ топки, но Алкараз сепак дојде до предност во петтиот обид. Кога во петтиот гем седумкратниот победник на Вимблдон двапати згреши на нова „брејк“-топка од противникот и му подари водство на Шпанецот од 4-1, беше јасно дека Алкараз тешко дека ќе пропушти таква предност. Во следниот гем ја спаси единствената закана на Ѓоковиќ на негов сервис, а потоа го доби првиот дел од мечот со 6-2 за 41 минута и се доближи за еден сет до одбрана на титулата.
Вториот сет започна по истото сценарио како и првиот – Алкараз веднаш дојде до ’брејк’ во првиот гем. Единствената разлика беше што за тоа не му требаа 14 минути и пет шанси, туку една му беше доволна. Колку и да се трудеше, Ѓоковиќ немаше одговор за добро осмислената тактика на Алкараз, во која Шпанецот не инсистираше со нападите, а добро се бранеше кога тоа го правеше противникот. Ѓоковиќ уште еднаш попушти кога беше на поечетниот удар во седмиот гем и повторно со двојна грешка на Алкараз му подари брејк.
Во третиот гем од третиот сет, Шпанецот не успеа да реализира првпат кога имаше можност за брејк. Имаше четири шанси, но во сите четири поени Ѓоковиќ одлично реагираше. Тоа беше и првиот момент на натпреварот кога Ѓоковиќ покажа позитивна емоција. Три гема подоцна српскиот тенисер ја имаше првата можност за брејк по првиот сет. Сепак, Шпанецот не се исплаши и одговори со одличен прв сервис.
Она што не го направи во третиот, Алкараз го материјализираше во деветтиот гем. Трите последователни поена и еден во кој го принуди Ѓоковиќ на грешка му донесоа водство на 21-годишниот Шпанец од 5-4 и сервис за одбрана на титулата.
Со три последователни поени освои три меч топки. Сепак, Шпанецот првпат на мечот не успеа да ја задржи присебноста. На првиот направи двојна грешка, на вториот одлично возврати Ѓоковиќ на сервисот на Алкараз, на третиот Шпанецот го промаши форхендот за неколку сантиметри. Уште две промашувања на Алкараз му го донесоа на Ѓоковиќ првиот „брејк“ на мечот и му ги вратија надежите дека може да го направи најголемиот пресврт во неговата 20-годишна професионална кариера.
Навивачите на Ѓоковиќ се разбудија, а Србинот лесно го одржа сервисот и поведе со 6-5. Алкараз не ја повтори грешката кога стигна до 40-0 сервирајќи за влез во тај-брејкот од третиот сет.
Алкараз поведе со 3-1, но милиметарското промашување на Шпанецот му донесе на Ѓоковиќ израмнување на 3-3. Не ризикувајќи премногу, како што направи во добар дел од мечот, Алкараз повторно доби „мини-брејк“ и поведе со 5-3. По одличен сервис и одлично скратена топка, шпанскиот тенисер стигна до 6-4 и нова меч топка. Ѓоковиќ не успеа да ја префрли мрежата на многу добриот втор сервис на противникот и по два часа и 27 минути игра Вимблдон го доби деветтиот тенисер во Опен ерата кој успеа да ја одбрани титулата.
Победникот доби парична награда од 2,7 милиони британски фунти, додека поразениот доби 1,4 милиони.
Со оглед на тоа што на овој турнир ги одбранија бодовите од лани, нема да има промени на врвот на новото АТП поединечно рангирање. Италијанецот Јаник Синер ќе продолжи да биде светски ’број 1’ со 9.570 бодови, 1.110 повеќе од второпласираниот Новак Ѓоковиќ, додека трет ќе биде Алкараз со 2.140 бодови помалку од лидерот.