Шпанскиот тенисер Карлос Алкараз го освои вториот Грен-слем турнир сезонава – парискиот Ролан Гарос, откако во одличното финале по четири часа и 20 минути игра го совлада Германецот со руско потекло Александар Зверев со 6:3, 2:6, 5:7, 6:1, 6:2 и дојде до неговиот трет грен слем во кариерата.
За 21-годишниот Шпанец ова е прва титула на париската „црвеница“ откако лани во финалето загуби од Новак Ѓоковиќ. Славеше и на Вимблдон (2023) и на УС Опен (2022), додека на Австралија Опен годинава стигна до четвртфиналето. Сега има 14 титули во кариерата.
Од друга страна, Зверев го забележа вториот пораз во финалето на Грен-слем, во 2020 година беше поразен и на УС Опен.
Мечот започна со два брејка, двајцата тенисера ги загубија почетните сервиси. При 3-2, Алкараз уште еднаш му го одзеде сервисот на противникот, а потоа на 5-3 уште еднаш за 6-3 и водство во сетови.
Зверев возврати во вториот сет, при 2-2 го направи првиот брејк, а потоа при 4-2 уште еден, добивајќи го сетот со 6-2. Алкараз поведе со 4-2 во третиот сет, но Зверев го врати загубениот гем, а потоа со водство од 6-5 го приведе сетот со нов брејк.
Во четвртиот сет видовме дури четири брејка, каде Алкараз трипати му го одзема сервисот на германскиот тенисер. Алкараз поведе со 4-0, Зверев намали на 4-1, а Шпанецот со два гема во низа го однесе мечот во петти сет.
Во решавачкиот сет Алкараз уште двапати го одземаше сервисот на противникот, при 1-1 и 4-2.